
Увозот на земјоделски производи во ЕУ би се намалил за 41 процент, додека сточарите би се соочиле со повисоки трошоци за храна за животните. EК сè уште нема прецизирано кои пестициди ќе бидат опфатени со мерката, а анализата на Заедничкиот истражувачки центар идентификуваше 18 активни супстанции што би можеле да бидат предмет на забрана за остатоци. Нивната употреба би можела да влијае на 235 вида производи од 86 земји
Анализа на истражувачите на Европската комисија покажа дека планот за забрана дури и на најмали траги од одредени пестициди што не се дозволени во Европската Унија поради ризици за здравјето и за животната средина, би можел да доведе до намалување на увозот на земјоделски производи и до значително зголемување на цените.
Во најнеповолното хипотетичко сценарио, во кое производителите од земји надвор од ЕУ не би го приспособиле производството на новите правила, цената на кафето би можела да се зголеми за 332 проценти, додека цитрусите би поскапеле за 82 проценти, покажа анализата на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК. Во тоа сценарио, увозот на земјоделски производи во ЕУ би се намалил за 41 процент, додека сточарите би се соочиле со повисоки трошоци за храна за животните, пишува „Политико“. Дури и во пореални сценарија, во кои производителите од трети земји би го приспособиле своето производство на новите правила во различен степен, се очекува потрошувачките цени да растат, а увозот да се намалува. Во исто време, домашното производство во ЕУ би можело да се зголеми, но неговиот обем би зависел од подготвеноста на производителите да се приспособат.
Наодите од истражувањето укажуваат на тежок избор пред ЕУ: како истовремено да ги смири европските земјоделци, кои бараат еднакви услови на конкуренција, и да избегне дополнително оптоварување на потрошувачите со повисоки цени на храната. Предложената забрана за остатоци од пестициди е дел од пакетот за поедноставување на правилата за безбедност на храната и на добиточната храна. Таа има значителна поддршка кај европските земјоделци, бидејќи тие веруваат дека производителите од другите делови од светот не треба да имаат предност ако користат супстанции чија употреба е забранета во ЕУ. Мерката е замислена, меѓу другото, како одговор на незадоволството на европските земјоделци од трговскиот договор со блокот Меркосур, кој го сочинуваат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај.
За да се спречи присуство на какви било траги од одредени пестициди во овошјето и во зеленчукот, производителите практично би морале целосно да престанат да ги користат пестицидите. Критичарите на предлогот тврдат дека таквата мерка би можела да биде во спротивност со меѓународните трговски правила, бидејќи ЕУ практично би им ги наметнала своите стандарди на производителите од други земји. Таквиот пристап е познат како принцип на огледало, т.е. клаузула за огледало. Голем број меѓународни организации на производители веруваат дека предложената забрана оди подалеку од постојните здравствени стандарди и воведува униформни правила без доволно разгледување на различните клими, штетници и методи на производство низ целиот свет.
– Изборот е помеѓу бобинките, кои се достапни преку целата година, здрави, безбедни и достапни, и ограниченото производство по висока цена – рече Амин Бенани, претседател на Мароканското здружение на производители на црвено овошје.
Тој оцени дека она што го нарекува Брисел „хармонизација на стандардите“, во практика претставува трговска бариера. Бенани, исто така, изјави дека не било консултирано неговото здружение, иако регулативите би можеле да влијаат на околу 250.000 луѓе што работат во секторот во Мароко. Слични забелешки дојдоа и од други делови на светот. Здруженијата на производители на овошје од Јужна Африка предупредија за важноста на извозот на грозје за егзистенцијата на илјадници луѓе, додека претставниците на секторот за жито и за мешунки во Канада, производителите на дињи од Хондурас, бразилските сточари и земјоделци, како и производителите на бадеми од Калифорнија, изразија загриженост. Европската комисија наведува дека целта на мерката е да се спречи повторно влегување на најопасните супстанции, чија употреба е забранета во ЕУ, на европскиот пазар преку увоз. Сепак, критичарите тврдат дека Брисел сака да оди многу подалеку од постојните здравствени гаранции и да забрани дури и траги од супстанции забранети во ЕУ поради поширокото влијание врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Дополнителна неизвесност за производителите е фактот што Комисијата сè уште не прецизирала кои пестициди ќе бидат опфатени со мерката. Анализата на Заедничкиот истражувачки центар идентификуваше 18 активни супстанции што би можеле да бидат предмет на забрана за остатоци. Нивната употреба би можела да влијае на 235 вида производи од 86 земји.











