понеделник, октомври 26, 2026
Дома СВЕТ Извештај на ОН: Израел продолжи да врши геноцид во Газа и по...

Извештај на ОН: Израел продолжи да врши геноцид во Газа и по договорот за прекин на огнот

13

Израел продолжи да врши геноцид во Газа дури и по прекинот на огнот во енклавата – договорен минатиот октомври со посредство на Соединетите Држави – се наведува во извештајот објавен од комисија на Обединетите нации.

Извештајот на независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираната палестинска територија, вклучително и Источен Ерусалим и Израел, ги разгледува прекршувањата на правата на палестинските деца од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, па сè до септември оваа година, пренесува „Ројтерс“.

Во извештајот се наведува дека израелските власти продолжиле да спроведуваат „геноцидни дејствија, со геноцидна намера целосно или делумно да ги уништат Палестинците во Газа“, а исто така се истакнува дека ситуацијата продолжила да се влошува и на окупираниот Западен Брег.

Претходниот извештај на оваа комисија, објавен во септември минатата година, заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа и дека високи израелски функционери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, поттикнувале на тоа – обвинувања што Израел ги нарече скандалозни.

Комисијата утврди дека, дури и за време на прекинот на огнот во Газа, израелските сили продолжиле да користат тешко вооружување, беспилотни летала, артилерија и снајперски оган во густо населени области. Исто така, се наведува дека таканаречената „жолта линија“ на разграничување сè повеќе навлегувала во територијата на Газа за време на прекинот на огнот, претворајќи се, всушност, во де факто граница.

Претседавачот на комисијата, Сринивасан Муралидар, изјави дека намерното убивање палестински цивили и уништувањето на домовите на Западниот Брег се дел од поширока стратегија насочена кон истребување и раселување на Палестинците.

Израелските воени операции, спроведувани од јануари 2025 година, доведоа до најголемото раселување на Палестинците на Западниот Брег од 1967 година; во извештајот се наведува дека, заклучно со август оваа година, 34.176 Палестинци останале раселени.

ИЗДВОЕНИ