Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека би ја поддржал секоја евентуална одлука на новите српски власти за забрзување на европските интеграции, но нагласи дека клучен услов би бил Белград да ја предаде целосната архива на УДБА што се однесува на Словенија.
„Би ја поздравиле одлуката на новите српски власти за забрзување на преговорите за пристапување кон Европската Унија. Сепак, нема да се согласиме на никаков напредок сè додека Србија не ѝ ги достави на Словенија сите архиви – од УДБА, Службата за државна безбедност, Југословенската народна армија, Сојузниот секретаријат за внатрешни работи и другите поранешни служби на СФРЈ – кои се однесуваат на Словенија“, напиша Јанша на својот профил на мрежата „Икс“.
Во својата објава, Јанша сподели текст од писателот Игор Омерза, во кој се споменува еврокомесарката за проширување Марта Кос, која ѝ честиташе на „Студентската листа“ за победата на вонредните парламентарни избори во Србија.
На својот профил на „Икс“, Омерза ја цитираше изјавата на Кос – дека „вратата за пристапување кон ЕУ е отворена“ за Србија – додавајќи дека претходно треба да се отворат архивите од времето на поранешната држава.
„Таа не би била воодушевена од тоа“, напиша Омерза, автор на книгата „Комесарка“.
Покрај Јанша, за изборите во Србија денеска коментираше и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ – близок пријател на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ – кој ѝ честиташе на „Студентската листа“ за победата.
Јанковиќ ѝ посака на Србија „успешен развој“, додавајќи дека високата излезност во Србија покажала оти станува збор за вистинско славење на демократијата, пренесува „Бета“.












