Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска пристигна во Москва, каде што ќе учествува на самитот на шефови на држави и влади на Форумот на земји извознички на гас (GECF), пренесува агенцијата „Интерфакс“.
Претходно, Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, најави дека за време на самитот, кој започнува утре, Путин ќе се сретне со Пезешкијан и со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани.
Утре во Москва ќе се одржи 8-миот самит на шефови на држави и влади на Форумот на земји извознички на гас (GECF), а предвидено е Путин да одржи пет билатерални средби на маргините на форумот.
Планираните разговори вклучуваат средби на Путин со лидерот на Мозамбик, Даниел Чапо; претседателот на Екваторијална Гвинеја, Теодоро Обианг Нгема Мбасого; како и со претседателот на Претседателскиот совет на Либија, Мохамед ал-Менфи.












