Државниот завод за статистика излезе со податоци за пораст на БДП во последниот квартал од 2025 година и тој изнесува 3,8 проценти. Со овој податок се комплетира сликата за цела 2025 година. Стапката на пораст на БДП во 2025 година во однос на 2024 година е 3,5 проценти.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, по објавувањето на податоците, го изрази своето задоволство и рече дека пак сме меѓу најдобрите.
Поголем пораст во четвртиот квартал од регионот имале само Малта, Кипар и Полска, а од поблиското опкружување, Србија имала пораст од 2,2, Хрватска 3,6, Бугарија 3 и Словенија 2 проценти.
Слична е и состојбата со годишниот пораст од 3,5 проценти. Србија имала 2, Хрватска 3,2 проценти…
–Порастот на економијата во 2025 година за Владата и за Министерството за финансии е најдобар показател дека и во услови на непредвидливост може да се креираат добри економски политики – рече Димитриеска Кочоска.
За четвртиот квартал, таа посочи дека најголем пораст има во градежништвото од 14,6 проценти и претежно е поради активностите во нискоградбата.












