Рано е да се прогнозира колку ќе трае ситуацијата на Блискиот Исток, треба да почекаме, да видиме. Состојбата се следи на дневна основа, а ако се утврди дека е потребно да преземеме мерки од аспект на економијата, тие ќе бидат согласно со законот, рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа потсети дека Министерството за финансии не предлага кризни состојби.
–Има соодветни министерства кои, врз основа на анализи, треба да достават таков предлог и откако ќе се констатира каква е состојбата, во законот јасно стои што треба да се преземе. Ние ја следиме состојбата на дневна основа. Ќе видиме какви ќе бидат случувањата. Во законите е предвидено во кои услови може да има промени. Ќе реагираме соодветно. Нема песимистичко сценарио, законот е јасен. Има членови што кажуваат кога и во кои услови може да се направат промени. Некои прогнози се дека ова нема да трае долго, ќе видиме. Нафтата, денеска проверуваме, беше под 75 долари за барел. Не можеме да знаеме колкав ќе биде периодот до завршување на ситуацијата на Блискиот Исток, некои велат ќе трае кратко, некои анализи покажуваат дека ќе трае подолго. Треба да почекаме и да видиме, не би сакала однапред да зборувам. Ако продолжи ваквата ситуација, тогаш со ребалансот ќе ги менуваме проекциите. Секако, на Владата ќе ѝ стојат и други мерки на располагање, но ќе видиме. Владата е таа што треба да одлучи, премногу е рано, особено за ситуација која очекуваме да заврши во пократок период, да прогнозираме дека нешто страшно ќе се случи. Ја следиме состојбата, да оставиме, да видиме како ќе се развиваат работите, објасни Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, македонската економија е под силно влијание на случувањата однадвор и тоа е голем предизвик, но како што покажа Владата, изминатите 20 месеци дека знае да се справува, така ќе продолжи да креира мерки и политики од интерес на стопанството и граѓаните.












