петок, јуни 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија ги отвора вратите за нов бран турски капитал

Македонија ги отвора вратите за нов бран турски капитал

244

Премиерот Мицкоски ги повика турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на земјава

Турските компании да го препознаат потенцијалот на земјава и да станат дел од нејзиниот развоен процес, повика премиерот Христијан Мицкоски од македонско-турскиот бизнис форум во Истанбул. Мицкоски истакна дека државата нуди стабилна бизнис-клима, поволни услови за инвестирање и пристап до регионалните и европските пазари. Во фокусот на разговорите беа унапредувањето на трговската размена, инфраструктурниот развој и отворањето нови можности за партнерство меѓу компаниите од двете земји. Турција е еден од најважните економски и трговски партнери на земјава, а трговската размена минатата година достигна една милијарда американски долари

Македонија испрати јасна порака до турската бизнис-заедница дека е подготвена за нов инвестициски циклус и продлабочување на економската соработка со Турција. Од Македонско-турскиот бизнис форум во Истанбул, премиерот Христијан Мицкоски ги повика турските компании да го препознаат потенцијалот на земјава и да станат дел од нејзиниот развоен процес, истакнувајќи дека државата нуди стабилна бизнис-клима, поволни услови за инвестирање и пристап до регионалните и европските пазари. Мицкоски, кој со владина делегација е во работна посета на Турција, на бизнис-форумот посочи дека Македонија денес има стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, како и модерни индустриски зони.

– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции. Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства, кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој, објави Мицкоски на социјалните мрежи по обраќањето на форумот.

Во состав на владината делегација се и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, како и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски.

Муцунски посочи дека Турција е еден од најважните економски и трговски партнери на земјава, а трговската размена минатата година достигна една милијарда американски долари, што претставува значаен резултат и поттик за уште поамбициозни цели во иднина. Тој порача дека економската дипломатија претставува клучен сегмент од надворешната политика.

-Пораката што ја упатив е јасна: економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика, туку нејзино јадро. Успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните. Владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, но компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати, напиша Муцунски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека е неопходно дополнително зајакнување на директната соработка меѓу бизнис-заедниците и поттикнување нови партнерства во повеќе сектори, меѓу кои индустријата, ИКТ, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите.

Во рамки на програмата се предвидени тематски панели посветени на трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување, како и на инфраструктурата, логистиката и инвестициите, а беше најаевно и дека посетата ќе биде искористена и за политички средби значајни за двете држави.

Во рамки на форумот се одржа и средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за трговија на Турција Омер Болат и турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу. Соговорниците ја потврдија заедничката определба за унапредување на билатералните економски односи и отворање нови перспективи за соработка меѓу компаниите од двете земји.

– Турција е еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија. Долгогодишните пријателски односи претставуваат силна основа за натамошен развој на економската соработка, а нашата цел е тие односи да ги подигнеме на уште повисоко ниво преку нови иницијативи и зголемена економска активност – истакна Николоски.

Посебен акцент на разговорите беше ставен на инфраструктурниот развој и регионалното поврзување. Вицепремиерот Николоски нагласи дека во земјава се реализира најголемиот инвестициски циклус во изградба и модернизација на инфраструктурата, притоа упатувајќи повик до турските компании активно да се вклучат во претстојните меѓународни тендерски постапки.

На форумот се обрати и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина, насочена кон привлекување нови инвестиции и поттикнување на економскиот раст.

– Македонија нуди стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Нашата земја е отворена за нови инвестиции и долгорочни партнерства засновани на доверба и меѓусебна соработка – порача Дурмиши.

Од Министерството за економија и труд посочуваат дека Турција останува еден од најзначајните економски партнери на државата, при што трговската размена бележи континуиран раст, а турските компании имаат значајна улога во развојот на македонската економија, отворањето нови работни места и зголемувањето на конкурентноста.

Учесниците на форумот оценија дека Македонија и Турција ќе продолжат да градат цврсто економско партнерство засновано на меѓусебна доверба, пријателство и заедничка визија за економски развој и поголема регионална соработка. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ