вторник, октомври 27, 2026
Дома МАГАЗИН Маестро Алачки го освојува светот со хармониката на Интернационалниот фестивал во...

Маестро Алачки го освојува светот со хармониката на Интернационалниот фестивал во италијанскиот град Кастелфидардо – Успех над успесите!

0

За своето најново музичко издание, маестро собра 26 инструментални композиции, создадени во периодот од 1984 до 2011 година, а инспирирани од македонската традиција. Секоја од нив носи лична приказна и посвета на луѓето што оставиле белег во неговиот музички живот

 Македонската традиционална народна музика продолжува да го освојува светот преку хармониката и музичките дела на маестро Горан Алачки. Италијанскиот град Кастелфидардо, светски препознатлив како престолнина на хармониката, ќе биде домаќин на „Goran Alachki Accordion Event 2027“. Цели три дена таму во Италија ќе ечи хармониката на нашиот Горан. Сè ќе биде целосно посветено на македонската народна музика, нерамноделните ритми и богатото фолклорно наследство. Настанот претставува продолжение на успешната музичка иницијатива што веќе неколку години се организира во Македонија, а сега првпат добива свој интернационален карактер. Организатор и „виновник“ е Елке Ахренхолз, која инспирацијата ја пронашла токму во македонското музичко училиште за традиционална музика од долгогодишната работа со маестро Горан Алачки.

Во текот на тие три дена, учесниците ќе имаат можност непосредно да навлезат во светот на македонската традиционална музика преку практична работа, предавања, заедничко музицирање и анализа на најкарактеристичните музички форми што ја прават македонската фолклорна традиција единствена во светот. Посебен акцент ќе биде ставен на препознатливите македонски нерамноделни ритми  5/8, 7/8, 9/8, 11/8, 14/16 и 19/8, кои ќе бидат обработувани преку народни песни, инструментални ора и изведби во живо. Во програмата се вклучени и документарни филмови, како и специјално предавање на темата „Хармониката во македонската музика“. Со  тоа ќе се прикаже улогата на тој инструмент во создавањето на препознатливиот македонски музички израз. Работилниците ќе се одржуваат во Кастелфидардо , а бројот на учесници е ограничен на само 15 хармоникаши. Сè со цел секој од нив да добие индивидуален пристап и директна работа со предавачите.Репертоарот ќе опфати дел од најпознатите македонски народни песни и ора, како и композиции од најновото двојно ЦД и книгата на Горан Алачки. Секој учесник ќе добие примерок од книгата и двојното музичко издание. Завршницата на настанот е резервирана за гала-концерт на Алачки, како и заедничка свечена вечера исполнета со македонски гастро-специјалитети. Во рамките на програмата е предвидена и посета на Музејот на хармониката во Кастелфидардо, место кое сведочи за повеќевековната историја на инструментот што има исклучително значајно место и во македонската народна музика. Пријавувањето за учеството е отворено до 15 декември 2026 година.

Освен што претставува музичка работилница, овој настан е и уште една можност македонската традиција да биде претставена пред меѓународна публика како жива култура што постојано се изучува, се негува и се пренесува на новите генерации музичари. Горан Алачки, кој повеќе од четири децении е посветен на хармониката и македонската народна музика, често нагласува дека вистинската вредност на македонскиот фолклор не може да се научи само од ноти и книги.

„Народната музика мора да се слушне, да се почувствува и да се доживее преку автентичната изведба. Нејзината најголема тајна лежи во едноставноста“, истакнува маестро Алачки. Впрочем, тој за своето најново музичко издание собра 26 инструментални композиции, создадени во периодот од 1984 до 2011 година, а инспирирани од македонската традиција. Секоја од нив носи лична приказна и посвета на луѓето што оставиле белег во неговиот музички живот. И токму затоа, кога македонските песни и ора ќе се слушнат наскоро во Кастелфидардо, тие нема да бидат само музика. Ќе бидат глас на една традиција, сведоштво за еден горд балкански народ и уште една потврда дека македонското музичко наследство продолжува да освојува нови сцени ширум светот.

(Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ