Американската поп-ѕвезда Мадона го прослави својот 68-ми роденден во селото Курамадес на грчкиот остров Крф, а поради тоа беа затворени селските улици.
Таа и нејзиното семејство и пријателите вечераа во традиционална таверна со музика и грчки специјалитети, до која патуваа во црни комбиња со обезбедување, објавува Прототема.
Според локалните жители, од жителите било побарано да ги затворат прозорците на своите куќи за да се обезбеди приватноста на пејачката, додека во селото било распоредено и полициско обезбедување.
Мадона седела во градината на ресторанот, а во текот на вечерта била изведена песната „O pio kalos o mathitis“ од Ѓорѓос Замбетас, додека прославата била завршена со традиционално кршење чинии.
Пред вечерата, Мадона планирала да ја посети црквата „Дева Марија“ во Курамадес, која била отворена специјално за неа, но поради големиот број луѓе собрани во селото, пејачката се откажала од посетата и одлучила да остане само за роденденската вечера.
Неколку дена пред нејзиниот роденден, Мадона беше во Метеори, каде што пристигна со хеликоптер од Крф со група од околу 12 лица, меѓу кои и нејзиниот син и нејзиниот триесетгодишен партнер.
За време на тричасовната посета, таа го посети манастирот Варлаам, кој беше отворен исклучиво за нив, и разговараше со игуменот Бенедикт, од кого, според монахот, побарала духовен совет и се распрашала за бројаницата што ја држел во рака, пренесува Танјуг.












