Неколку божиќни пазари низ Германија нема да се одржат оваа година поради финансиски тешкотии, недостиг на организатори, безбедносни барања и градежни работи, додека други ќе бидат организирани во помал обем.
Меѓу откажаните настани е и популарниот божиќен пазар во Кирххајм, во близина на Минхен, каде што локалните власти одлучија да го прекинат финансирањето поради пад на приходите од даноци на деловните субјекти, пренесува германскиот весник „Билд“.
Општината очекува оваа година да собере околу 15 милиони евра од даноци на деловните субјекти – што е помалку од проектираните 22 милиони евра – што доведе до замрзнување на одредени буџетски расходи.
Божиќниот пазар во Гестхахт, исто така, нема да се одржи, бидејќи општинската субвенција од 15.000 евра била одобрена дури кон крајот на септември, оставајќи им на организаторите и изложувачите недоволно време за подготовка на настанот.
Во Хаген-Хоенлимбург, настанот во замокот Хоенлимбург е откажан бидејќи не можел да се најде нов организатор, додека во Хановер, настанот „Божиќ над покривите на Хановер“ е откажан поради организациски проблеми.
Во Берлин, фестивалот „Зимски сон“ нема да се одржи, бидејќи планираната алтернативна локација во близина на главната железничка станица не била достапна. Зимскиот фестивал во хамбуршката населба Дулсберг е трајно укинат поради слаба посетеност и недоволни приходи, додека настанот во Винтерхаузен е откажан поради градежни работи и неизвесна сообраќајна ситуација.
Божиќниот пазар нема да се одржи ниту во историскиот комплекс Тримбург, бидејќи организаторите не успеале да обезбедат втор излез за итни случаи – што е задолжителен услов за настани од ваков обем.












