Го разбира шоу-бизнисот!
– Одам низ градот Белград за да пијам кафе, па влегувам во еден хотел и… во хотелот налетувам на големиот тенисер, Новак Ѓоковиќ. Секако, веднаш посакав да се сликам со него, а тој не ме одби, дури беше и прељубезен… вака новонадежниот македонски поп-пејач, Давор Арџиќ, ја опишува несекојдневната спонтана ситуација.
Тој е уште под силен впечаток од кусата дружба со Ѓоковиќ, за кого вели дека е едноставен и природен во однесувањето. Фановите на Давор веднаш му честитаа за средбата со светската тениска ѕвезда.
Инаку, кој е Давор Арџик? Тој е дел од македонското музичко дуо „Браќа Арџик“, заедно со својот брат близнак Давид Арџик. Публиката ги запозна во првата сезона на музичкото „Пепси-шоу“ (го гледаме на ТВ Сител секоја сабота по полноќ). Давор се натпреваруваше и во балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“.
Пред некое време предизвика многу бурни реакции кога се појави во друштвото на контроверзниот шоумен Боки 13. И не само тоа туку со Боки 13 има снимено и песна во дует. Во изминатиот период, името на Давор често се споменуваше и во медиумите поради заедничките појавувања, а и поради соработката со шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13. Тогаш Арџиќ јасно порача дека меѓу него и Боки 13 нема ништо повеќе од она што пред тоа го кажал, иако бил свесен дека народот ќе го озборува.
– Нека коментира кој што сака. Во оваа естрадна работа е најважно да се коментира, и онака не можеш да им се допаѓаш на сите, беше кусиот одговор на ова умно дете кое очигледно има вродено чувство за шоу-бизнисот.
(Д. М.)












