Подготвувам навистина големо шоу. Ќе има многу познати гости од Македонија, но и од целиот Балкан, заедно со естрадните новинари, кои веќе го потврдија своето присуство. Нема да ги откривам имињата однапред, сакам дел од изненадувањата да ги оставиме за самата промоција, најавува Митровски.
Популарниот хармоникаш и композитор Димитар Митровски на 30 ноември ќе го промовира својот нов албум „The Dance of Melodies“, музички проект зад кој стојат голема посветеност, авторска креативност и соработка со некои од најдобрите инструменталисти на македонската музичка сцена.
Десет композиции, различни музички стилови, современи аранжмани и препознатливиот звук на хармониката се основата на овој проект, со кој Митровски ја претставува својата музичка визија и желбата традиционалниот инструмент да го постави во еден поинаков, модерен музички правец.
-Во овие десет композиции експериментирав и со компонирањето и со аранжманите. Публиката ќе има можност да слушне латино, фанк, боса нова, но и македонски фолклор претставен преку модерни аранжмани. Сакав да создадам албум во кој ќе се почувствуваат различни музички влијанија, но и мојот сопствен музички израз, вели веселиот Митровски. Особено значајно место на албумот имаат соработките со врвни музичари. Меѓу нив е и познатиот кларинетист Александар Ангелов, негов колега од составот „Дрим Тим“, со кого Митровски реализира заедничка композиција. За младиот хармоникаш, оваа соработка има и посебна емотивна вредност.
-Бев многу мал кога го гледав Александар Ангелов како свири и уште тогаш имав желба еден ден да застанам на иста сцена со него. За мене тој е најдобриот кларинетист на Балканот. Денес не само што свириме заедно во “Дрим Тим“, туку имаме и заедничка композиција. Тоа е остварување на еден мој детски сон, ни открива Митровски, (за весникот ВЕЧЕР). На албумот гостува и виртуозниот гитарист Дамјан Пејчиноски, со кого Митровски реализира уште една впечатлива инструментална соработка, на која, како што вели, е особено горд.
Од вкупно десет композиции, на осум Митровски се потпишува како целосен автор. Една композиција е подарок од маестро Златко Миладиноски, кој е нејзин автор и аранжер, додека зад уште една композиција стои Марко Дениќ. Значаен дел од целиот проект е и екипата на „Дрим Тим“. Како продуцент на албумот се потпишува Ангел Ќосев од студиото „Подрумот“, чија работа, посветеност и продукциски пристап, според Митровски, биле клучни за албумот да добие современ звук на светско ниво. Свој музички печат на сите десет композиции остава и Гоце Илиоски, кој со ударните инструменти и својата музикалност придонесува за модерниот ритам и динамиката на албумот.
Особено внимание е посветено и на визуелниот дел од проектот. Најголемиот дел од видеозаписите ги потпишува Дарко Јовановски, додека два се реализирани во соработка со Даниел Јовески. Митровски ја истакнува професионалноста и креативната визија на двајцата автори, кои придонеле музиката да добие и соодветна визуелна приказна. Иако зад албумот стои голем тим професионалци, Митровски не ја крие благодарноста кон луѓето кои од самиот почеток се неговата најголема поддршка, неговите родители. Кулминацијата на целиот проект е закажана за 30 ноември, кога официјално ќе бидат промовирани и последните три композиции од албумот, заедно со нивните видеозаписи.
За промоцијата се подготвува големо музичко шоу, а присуството веќе го потврдиле бројни познати имиња од македонската естрада, како и истакнати музички уметници од Балканот.
-Подготвуваме навистина големо шоу. Ќе имаме многу познати гости од Македонија, но и од целиот Балкан, заедно со естрадните новинари, кои веќе го потврдија своето присуство. Нема да ги откривам имињата однапред, сакам дел од изненадувањата да ги оставиме за самата промоција, најавува Митровски. „The Dance of Melodies“ е резултат на години музичка посветеност, остварени соништа и соработки кои за Митровски имаат посебно значење. На 30 ноември, сите тие приказни ќе се спојат во десет композиции и една голема музичка вечер.
(Д.М.) фото:ФБ












