вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Војната меѓу Русија и Украина се шири надвор од Европа

Војната меѓу Русија и Украина се шири надвор од Европа

1
Фото: X Volodymyr Zelenskyy

Украинските напади врз руски воени и товарни бродови во близина на Бенгази, крај либискиот брег, би можеле да означат нова фаза во конфликтот меѓу Киев и Москва – фаза во која украинската кампања против руската морнарица и поморскиот сообраќај сè повеќе се проширува далеку надвор од Црното Море и европското воено жариште.

Овие напади во Средоземното Море, кои следат по сличен инцидент во Балтичкото Море, укажуваат на напорите на Украина да ги загрози руските воени и логистички капацитети на илјадници километри од сопствените граници, при што политички и територијално поделената Либија станува уште една арена за нивниот поширок конфликт.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера објави снимка – обезбедена од Службата за безбедност на Украина (СБУ) – за која тврди дека прикажува напад врз руската корвета „Меркуриј“, како и удар од второ беспилотно летало крај либискиот брег врз рускиот товарен брод „МВ Ангара“. Според Зеленски, Москва го користела вториот брод за транспорт на оружје, пренесува Ројтерс.

Од СБУ наведоа дека беспилотните летала користени во неделниот напад биле лансирани од „брод-мајка“ кој се наоѓал во тој реон.

Иако Русија и Украина честопати ги напаѓаат воените и трговските бродови на другата страна во Црното Море, ваквите напади надвор од тој регион се значително поретки.

Од СБУ истакнаа дека операцијата покажала оти руската морнарица „нема безбедни рути, дури ниту далеку надвор од Црното Море“. Ројтерс забележува дека објавата на Зеленски на Телеграм претставува прво официјално признание дека Украина извршила напад крај либискиот брег. Тој наведе дека руските сили се обиделе да го одбијат нападот врз корветата, но не успеале во тоа.

Либиската влада со седиште во Триполи вчера ја осуди најавата на Украина за воени операции против руски бродови во близина на Бенгази, изјавувајќи дека отфрла какви било странски воени операции на либиска територија или во нејзините територијални води. Исто така, беше упатено предупредување дека либиските пристаништа и други објекти не смеат да се користат за воени цели.

Либија е зафатена од политичка нестабилност уште од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО прерасна во граѓанска војна, што доведе до соборување на долгогодишниот лидер Моамер Гадафи. Земјата со години останува политички и територијално поделена. Западот е под контрола на меѓународно признатата Влада на национално единство, предводена од премиерот Абдул Хамид Дбеиба со седиште во Триполи, додека на истокот делува ривалска администрација, предводена од Осама Хамад и поддржана од силите на воениот командант Калифа Хафтар.

Владата на Дбеиба во Триполи одржува блиски врски со Турција и со западните земји. Калифа Хафтар, сојузник на источната администрација, изгради блиски односи со Русија и Обединетите Арапски Емирати.

Русија повремено ја користи Либија како транзитен центар за операции во други делови на Африка, како и дополнително упориште во јужниот Медитеран, што ги надополнува нејзините бази во Сирија. Руската морнарица редовно распоредува и ротира воени бродови во тој регион.

Според либиски претставници кои разговарале со „Асошиејтед прес“ (AP), украински сили се распоредени во западна Либија врз основа на таен договор меѓу Киев и владата на премиерот Дбеиба. Истите извори наведуваат дека овој аранжман бил поддржан од западните земји, вклучително и САД, како дел од пошироките напори за ограничување на руското влијание во регионот.

Овие сили – кои главно се состојат од експерти за беспилотни летала – дејствуваат претежно од воздухопловна база во западниот крајбрежен град Мисрата, како и од други воени објекти во главниот град Триполи и во крајбрежниот град Завија, изјавија претставниците.

Според истите извори, нивното распоредување е дел од таен договор меѓу Киев и владата на премиерот Дбеиба. Договорот, како што пренесува AP, бил поддржан од западните земји, вклучително и од САД, како дел од пошироките напори за ограничување на руското влијание.

Сè поголемото присуство и на Русија и на Украина се заканува дополнително да ја вовлече Либија во конфликт што се одвива далеку надвор од нејзините граници, додавајќи уште еден слој на странско ривалство во земја која повеќе од една деценија се бори да ги надмине сопствените внатрешни поделби. Аљона Хливко, истражувач во тинк-тенк организацијата „Глобсек“ (GLOBSEC), изјави за АП дека нападите ја покажуваат „сè поголемата способност на Украина да проектира поморска моќ далеку надвор од Црното Море, претворајќи ја во сè позначаен геополитички актер во поширокиот медитерански регион“. Џалал Харчауи, аналитичар за Либија при Кралскиот институт за обединети служби (RUSI) во Обединетото Кралство, смета дека украинските напади во Средоземното Море биле „исклучително смели и провокативни“. „Сега се поставува прашањето како Русија ќе возврати“, рече Харчауи.

„Можеби уште поважно прашање е како ќе реагира семејството Хафтар, со оглед на тоа колку трауматични биле размерите на уништувањето за властите во источна Либија.“

ИЗДВОЕНИ