Москва ѝ се закани на Велика Британија со „последици“ по извештаите дека британски беспилотни летала биле употребени за прв пат за напад врз цели на копнена Русија. Украина користела дронови произведени од две британски компании во таканаречена кампања на напади длабоко на руска територија, објави „Сандеј тајмс“.
Киев ги засили нападите врз Русија оваа година, при што ракетите со долг дострел и роевите дронови сè повеќе ги таргетираат воените индустрии и енергетските капацитети.
Огромните магацини на „Вајлдберис“, најголемиот онлајн трговец на мало во Русија, исто така беа цел, при што беа запалени стоки во вредност од милијарди фунти, со што војната стана поостра за руската јавност.
Руската амбасада во Лондон порача дека Велика Британија ќе мора да „сноси одговорност“ за воената соработка со Украина и дека за тоа ќе „плати цена“. Руската амбасада ја обвини Велика Британија дека станала „соучесник“ во нападите и дека свесно избрала да ја ескалира војната.
„Колку е подлабоко учеството во конфликтот и колку е поголема поддршката за Киев, толку е повисока цената што ќе треба да се плати“, порача амбасадата.
Лондон, сепак, ги отфрли руските закани. Британското Министерство за одбрана соопшти дека земјата останува решена да ѝ ја обезбедува на Украина опремата што ѝ е потребна за да се брани од руската инвазија.
„Русија не треба да има никакво сомневање во решеноста на оваа влада да се спротивстави на руската агресија“, порача британскиот одбранбен сектор.
Со новите обвинувања и закани, повторно се зголемува тензијата меѓу Москва и Лондон, додека британската воена поддршка за Украина продолжува.












