Основата на „Мачкина глава“, по текст на Венко Андоновски, лежи во култната претстава „Диво месо“ на Горан Стефановски, но таа е вешто надградена и сместена во актуелниот општествен контекст. Претставата храбро и недвосмислено ги отвора локалните и глобалните рани: вечното талкање меѓу влијанијата и вредностите на Истокот и на Западот, како и судбината на македонското семејство на кое тлото му бега под нозете додека домот му се тресе и урива под багерите на алчноста во соседниот двор… Таа е уште еден крик на малиот човек упатен кон системот, кон локалните закани, но и кон страшните глобални промени предизвикани од војни, здравствени и егзистенцијални кризи…

Моќна, актуелна и динамична. Претстава со енергија и естетика која не се заборава и актерски изведби кои се паметат – ова се само дел од впечатоците по премиерата на „Мачкина глава“, работена по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски. Претставата беше изведена вчеравечер во Драмскиот театар – Скопје, како централен настан во чест на големиот јубилеј – 80 години од основањето на оваа реномирана институција.

Публиката, составена од доајени на македонското глумиште, културни работници, гости од општествениот и политичкиот живот, ја награди двочасовната изведба со долг аплауз и искрени овации.

Основата на текстот лежи во култната претстава „Диво месо“ на Горан Стефановски, но таа е вешто надградена и сместена во актуелниот општествен контекст. Претставата храбро и недвосмислено ги отвора локалните и глобалните рани: вечното талкање меѓу влијанијата и вредностите на Истокот и на Западот, како и судбината на македонското семејство на кое тлото му бега под нозете додека домот му се тресе и урива под багерите на алчноста во соседниот двор…

Семејството е прикажано со свои типични обележја, менталитет, но и атипични навики – растргнато меѓу внатрешните демони, грешки, пороци и нереализираните кариери и надежи. Тоа стои исправено, но ранливо наспроти еден уште полуд надворешен свет, свет без емпатија за личната и колективна болка, свет без почитување на приватноста, свет на и за профит, каде што владеат само посилниот, помоќниот и побогатиот.

Преку комплексно изградените ликови, претставата зачнува низа суштински прашања кои го засегаат современото живеење: семејното насилство, патријархалниот однос кон жената, (не)толеранцијата кон сексуалните определби, неверството, но и системот наспроти поединецот, власта спроти обичниот човек, вербата во Бога или вербата во себеси, но и религиозното лицемерство, предизвиците на дигиталната доба и распродажбата на домот, имотот, идеалите, татковината и револуцијата. Низ претставата, како нишка провејуваат прашања за идентитетот, кои сме ние и како живееме, среќни ли сме или постојано меѓусебно се повредуваме, живееме во митовите или во реалноста…

Актерската екипа – Рубенс Муратовски како Спиридон, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска како Марија, Филип Трајковиќ како Ѕвездан, Александар Степанулески како Симон, Сара Климоска како Сара, Игор Ангелов како Џорџ, Сања Арсовска како Мериен, Златко Митрески како Штерјо и Предраг Павловски како Панзо – со секоја нова сцена и со одличната изведба измамуваше насмевки, некои горчливи, но и целосен восхит. Интересните режисерски решенија на сцените уште повеќе го засилуваа чувството кое кај гледачот го оставаа репликите на актерите. Визуелниот и звучниот идентитет на претставата, создаден од сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска и музиката на Горан Трајкоски, ја пренесе, пак, публиката во свет кој е претпоставен, замислен, а сепак толку болно близок.

„Што може човек да направи со врзани раце?“ – прашува Спиридон, додека неговото семејство, облечено во лудачки кошули, игра оро во круг, тупкајќи во место. Уште еден крик на малиот човек упатен кон системот, кон локалните закани, но и кон страшните глобални промени предизвикани од војни, здравствени и егзистенцијални кризи…

И додека куќата се руши, во заднината се слуша бебешки глас – можеби симбол на кревката, но жива надеж. Нема да се згреши ако се каже дека Драмски доби нова претстава која публиката несомнено ќе сака да ја гледа повторно и повторно. (Н. И. Т.)

Фото: Драмски театар

ИЗДВОЕНИ