недела, јуни 7, 2026
Дома СВЕТ „Чет-ГПT“ знаел дека се планираат масакри во училишта, па родители на жртва...

„Чет-ГПT“ знаел дека се планираат масакри во училишта, па родители на жртва во Канада и во државата Флорида ја тужат „Опен АИ“

138

Семејството на 12-годишната Маја Гебала, која беше тешко ранета во масовното пукање во училиште во канадскиот град Тамблер Риџ, Британска Колумбија, поднесе граѓанска тужба против „Опен АИ“. Оваа водечка технолошка компанија во областа на вештачката интелигенција наскоро може да се најде на обвинителна клупа и по тужба на државата Флорида, која сега е во фаза на спроведување истрага. Причината е иста: пукање во образовни установи за кои постоеле индиции дека ќе се случат, преку комуникација на сторителите со алатката „Чет-ГПТ“.

Во тужбата на семејството на Маја, која беше погодена со три истрели, се тврди дека компанијата била свесна дека осомничениот планира напад, но не ги информирала властите за тоа. Во тој масакр, кој се случи на 10 февруари годинава, напаѓачот, 18-годишното трансродово лице Џеси ван Рутселар, уби осуммина, од кои пет деца и ја усмрти и својата мајка пред да се самоубие. Според тужбата поднесена од мајката на Маја, Сија Едмондс, осомничениот го користел четот како доверлив соговорник, опишувајќи му разни сценарија за вооружено насилство во текот на неколку дена, во средината на 2025 година. Дванаесетмина вработени во компанијата „Опен АИ“ ги означиле овие објави како непосредна опасност и препорачале да се извести канадската полиција. Сепак, ова барање било одбиено, со образложение дека не е исполнет прагот на веродостојна закана, а единствена преземена мерка била забраната на сметката на корисникот, по што тој отворил нова и продолжил со планирањето на масакрот. По овој случај во „Опен АИ“, вработени се професионалци за ментално здравје и воспоставени се пофлексибилни критериуми за пријавување сомнителни активности.

Во вторникот ескалираше и спорот меѓу сојузната држава Флорида и „Опен АИ“ и неговата алатка „Чет-ГПТ“, со поведување кривични обвиненија поврзани со нивната улога  во смртоносната пукотница во кампусот на Државниот универзитет во Флорида – ФСУ, минатата година. Главниот обвинител Џејмс Утмаер рече дека истрагата на Флорида за „Опен АИ“ се проширува, бидејќи „е неопходна кривична истрага“ откако државните обвинители утврдиле дека четот „му понудил значајни информации“ на осомничениот напаѓач, објави „Политико“. Тој додаде дека наскоро се очекува правна постапка.

– Доколку имаше човек од другата страна на екранот, ќе го обвиневме за убиство… Само затоа што е четбот со вештачка интелигенција не значи дека нема кривична одговорност. Затоа ќе истражиме кој што знаел, што дизајнирал или што требало да направи – рече Утмаер, кој е назначен од републиканскиот гувернер Рон де Сантис да ги истражи „Опен АИ“ и „Чет-ГПТ“, поради загриженост за јавната и за националната безбедност.

Осомничениот напаѓач, 20-годишниот студент Феникс Икнер, наводно често комуницирал со четот за планирање напади на кампусот. Според наводите, тој побарал детални информации за ракување со оружје и муниција, за можните реакции на државата и за локациите каде би можел да најде најголем број студенти. Икнер е обвинет за убиство на две лица и за повредување на шест и чека судење.

Утмаер појасни дека Флорида сега спроведува кривична и граѓанска истрага против „Опен АИ“, не само за пукањето во кампусот туку и за материјал што прикажува сексуална злоупотреба на деца и поттикнување на самоубиство и самоповредување.

 

 

ИЗДВОЕНИ