Белорускиот претседател Александар Лукашенко денес изјави дека „квалитетот на војната“ во Украина ќе се промени веднаш ако Киев ја вовлече Белорусија во неа, додавајќи дека неговата земја ќе застане на страната на Русија во секоја ситуација.
„Неодамна, претставници на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски беа тука. Им реков директно: „Луѓе, кажете му на вашиот претседател: ако мисли дека може да разговара со нас вака, а потоа да нè вовлече во војна, тогаш мора да разбере дека квалитетот на војната ќе се промени веднаш. Ова ќе биде сосема поинаква војна“, рече белорускиот лидер, според Белта.
За време на состанокот со гувернерот на Московскиот регион Андреј Воробјов, Лукашенко исто така рече дека добил одговор дека украинската страна и претседателот Зеленски го разбрале ова, поради што повикал на преговори и постигнување суштински договор.












