НАТО размислува да се откаже од издвојувањето дополнителни сили за операции во странство, со цел да се фокусира на спротивставување на Русија, пренесуваат медиумите, повикувајќи се на дипломати од Алијансата.
Според неименувани дипломати од НАТО, сојузниците во Алијансата размислуваат за најзначајната ревизија на военото планирање во последните најмалку две децении, при што приоритет се дава на задржувањето (обуздавањето) на Русија, наместо на одржувањето дополнителни сили за операции во земји како Ирак и Авганистан.
Ова опфаќа преиспитување на потребите за воени капацитети на 32-те земји-членки на Алијансата.
Според сегашните правила, тие мора да обезбедат ресурси како за голем конфликт во Европа, така и за неколку мисии во странство. Новиот пристап би подразбирал избор помеѓу овие две сценарија, наместо обврска за истовремена подготовка за двете.
„Според нацрт-документот, од сојузниците повеќе нема да се бара да одржуваат доволно сили за водење голема војна во Европа, истовремено спроведувајќи неколку помали операции за управување со кризи… Наместо тоа, тие ќе ги планираат своите сили за да одговорат на барањата на едното или на другото сценарио“, се наведува во текстот.
Се истакнува дека оваа промена е поддржана од Соединетите Држави, земјите од Северна Европа и државите на источното крило на НАТО. За разлика од нив, земјите-членки од Јужна Европа традиционално се залагаат за задржување значајна улога во операциите во странство.
Според достапните информации, Вашингтон се стреми да го намали ангажманот на Алијансата во мисии надвор од нејзината територија, вклучително и советодавната мисија во Ирак, и ги повикува европските сојузници да ги насочат своите ресурси кон сопствената одбрана.
Сепак, предлогот сè уште е во фаза на разгледување и не значи автоматски прекин на постојните мисии на НАТО, вклучително и оние во Косово и Ирак.
Се очекува новите политички насоки за воено планирање да бидат договорени до февруари 2027 година, додека конечните барања во однос на силите и вооружувањето на сојузниците треба да бидат усвоени до 2029 година.












