Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски во скопската Зоолошка Градина, заедно со здруженијата „Видлива поддршка“ и „Трисомија 21“, за лица со посебни потреби, засадиле дрвца кои ќе бидат симбол на животот, растот и надежта, симбол на свет во кој секое дете има право да биде прифатено, сакано и поддржано.
-Секое дрво што го засадивме е тивка, но моќна порака дека градењето заедница значи да оставиме простор за сите. Да подадеме рака таму каде што е најпотребно, да покажеме дека различноста не нè дели, туку нè обединува и нè прави посилни. Инклузивноста значи отворени врати, еднакви шанси и искрена поддршка во училиштата, на улиците, во институциите и во секој дом. Таа значи да видиме, да разбереме и да прифатиме – без предрасуди, без услови – порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека треба да продолжиме да градиме град во кој секое срце има место, секој глас се слуша и секое дете добива шанса да го достигне својот сон, затоа што, како што кажа: „ кога негуваме љубов, емпатија и еднаквост – градиме посветла и похумана иднина за сите нас“.












