Она што започна како производ наменет за вегани и лица со интолеранција на лактоза, стана суштински дел од секојдневието за многу луѓе. Продажбата на овесно млеко доживеа вистински процут во текот на последната деценија. Денес, индустријата за овесно млеко вреди повеќе од 300 милиони евра и сочинува 40 отсто од вкупната продажба на растителни алтернативи за млечни производи во Обединетото Кралство. Сепак, експертите предупредуваат дека оваа најпопуларна алтернатива би можела да биде и една од најмалку здравите.
Нутриционистите посочуваат дека постојат подобри алтернативи за кравјо млеко за оние кои сакаат да ги избегнат млечните производи, наведувајќи ја високата содржина на шеќер и додадените масла како главни проблеми кај напитоците од овес.
Овие предупредувања доаѓаат по пресудата на Високиот суд според која компаниите не смеат законски да ги означуваат овие производи како „млеко“, со што се става крај на долготрајната правна битка помеѓу лидерите на пазарот – како што е компанијата „Oatly“ – и млечната индустрија.
Напитоците од овес содржат помалку протеини од кравјото млеко
Роб Хобсон, нутриционист од Брајтон, ја коментираше оваа одлука, нагласувајќи ја важноста од јасно разликување на нивните нутритивни вредности.
„Појасното означување може да помогне да се избегне забуна и да овозможи правична споредба. Од нутритивен аспект, напитоците од овес и кравјото млеко се сосема различни производи. Кравјото млеко е природно богато со висококвалитетни протеини, јод, калциум и витамин Б12.“ „Напитоците од овес обично содржат помалку протеини и често се потпираат на дополнително збогатување со хранливи материи за да достигнат соодветни нивоа на калциум и витамини од групата Б“, рече тој.
Хобсон додаде дека овие напитоци може да содржат и додадени шеќери и масла – особено таканаречените „бариста“ верзии и варијанти со додадени вкусови.
Тоа е така бидејќи „бариста“ верзиите на напитоците од овес, кои се користат во многу кафулиња, содржат само околу десет отсто овес. Остатокот се состои од вода, масла и емулгатори кои ги одржуваат состојките измешани и овозможуваат течноста да пени при загревање – слично како кравјото млеко.
Овесот во каша може да го намали холестеролот, но пијалакот има поинаков ефект
Иако овесот во својата природна форма — на пример, како овесна каша — се препорачува за намалување на холестеролот поради високата содржина на влакна, преработениот пијалак може да има поинаков ефект.
Д-р Оливер Гутман, кардиолог-консултант во болницата „Велингтон“ во Лондон, предупредува дека маслата што се додаваат во пијалаците од овес би можеле да придонесат за зголемување на нивото на холестерол, доколку се консумираат во прекумерни количини.
„Кога овесот се консумира како каша, тој може со текот на времето да го намали холестеролот, бидејќи е богат со влакна кои помагаат во намалување на нивото на холестерол. Сепак, консумирањето кремаст пијалак од овес со поголема содржина на масти може да доведе до зголемен холестерол, доколку се консумира во прекумерни количини“, објаснува Гутман.
Експертите исто така предупредуваат дека високата содржина на шеќер може да биде штетна за здравјето. Наглите скокови на нивото на гликоза во крвта – кои се јавуваат кога во крвотокот има повеќе шеќер отколку што клетките можат да искористат за енергија – се проследени со остри падови, што може да предизвика чувство на глад.
Долгорочно гледано, честите скокови на гликозата се поврзани со развојот на дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.
На пример, еден популарен пијалак од овес содржи вода, овес (10 проценти), масло од репка, регулатор на киселоста, минерали како што се калциум карбонат и калиум јодид, сол, како и витамини D2, B2 и B12. Овој пијалак содржи 3,4 грама шеќер на 100 милилитри.
„Претходно верувавме дека заситените масти се главниот проблем во однос на холестеролот, но сè повеќе се признава дека и шеќерите во исхраната можат да влијаат на нивото на холестерол“, вели нутриционистката Сара Каролидес.
Таа додава дека ова би можело да ги објасни сведоштвата на поединци кај кои нивото на холестерол се намалило откако престанале да консумираат пијалаци од овес.
Соиното млеко како подобра алтернатива
Експертите го препорачуваат соиното млеко како најдобра алтернатива за пијалаците на база на овес. Според истражување на Универзитетот во Минесота, соиното млеко е најслично на традиционалното кравјо млеко во однос на нутритивниот состав.
Тоа има малку калории и заситени масти, но е богато со растителни протеини – за кои истражувањата сугерираат дека можат да бидат корисни за здравјето.
Соиното млеко се добива со натопување и мелење на зрната соја; комерцијалните верзии често се збогатени со хранливи материи како што се витамините B2, B12 и D, како и калциум и јод. Сепак, некои производи може да содржат и додадени засладувачи и сол.
Истражувањата покажуваат дека природните соединенија што се наоѓаат во сојата, познати како изофлавони, може да бидат поврзани со намален ризик од рак на дојка и со забавување на знаците на стареење. Токму поради тоа што овие соединенија имаат дејство слично на естрогенот, долго време опстојуваше митот дека консумирањето соја предизвикува „феминизација“ кај мажите. Сепак, научните истражувања не го потврдуваат ова тврдење.
На пример, прегледот на 38 клинички студии не покажа никакви негативни ефекти од консумирањето соја кај мажите.
„Во Азија, соиното млеко се консумира со векови и претставува најдобра алтернатива од растително потекло, бидејќи неговиот нутритивен состав е најсличен на оној на кравјото млеко“, заклучува нутриционистката од Лондон, Клементина Вон.












