Мансур Абас, лидерот на арапската партија „Раам“ во Израел, им соопштил на претставниците на опозицискиот блок дека е подготвен експлицитно да го означи Хамас како терористичка организација, во замена за „вистинско партнерство“ со другите политички партии.
За неговата изјава денеска известуваат израелските медиуми.
Признавањето на Хамас како терористичка организација е еден од условите што ги постави Гади Ајзенкот – лидер на партијата „Јахар“ – за вклучување на „Раам“ во идната владејачка коалиција, објави „Тајмс оф Израел“ (The Times of Israel).
Лидерот на „Демократите“, Јаир Голан, изјави дека не очекува ова прашање да претставува пречка за Абас и дека преговорите ќе продолжат.
Абас одби да ги коментира извештаите во врска со преговорите, но повтори дека неговата партија го поддржува разоружувањето на Хамас – како што е предвидено во мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп – и дека ги осудува сите форми на тероризам.
„Сакаме да бидеме дел од коалицијата и од следната влада. Тоа е наше основно право“, рече Абас.
Пратеникот од партијата „Раам“, Јасер Хуџират, негираше дека го нарекол Хамас хуманитарна организација, наведувајќи дека неговите изјави дадени за време на интервју за телевизискиот канал „i24news“ биле извадени од контекст.
„Не реков дека Хамас е хуманитарна организација; не мислам така и тоа не е мојот став“, изјави Хуџират, додавајќи дека ги осудува тероризмот, убиствата и киднапирањата извршени од страна на Хамас.
Авигдор Либерман, лидерот на партијата „Израел Бејтеину“, изјави дека нема да поддржи малцинска влада која би зависела од поддршката на две арапски партии во Кнесетот.
Тој, исто така, се заложи за соработка со ултраортодоксните партии „Шас“ и „Обединет јудаизам на Тората“.
Партијата „Раам“ има осум пратенички места, „Заедничката листа“ има 11, „Обединет јудаизам на Тората“ има седум, а „Шас“ има шест.
Опозицискиот блок, предводен од Ајзенкот, има 48 пратенички места и се обидува да обезбеди мнозинство во Кнесетот, кој брои 120 пратеници.
Опозицијата побара гласање за разрешување на претседателот на Кнесетот, што е закажано за следниот вторник.
Промената во раководството на парламентот и преземањето на контролата врз парламентарните комисии би ѝ овозможиле на опозицијата да покрене законодавни иницијативи, вклучително и предлог за формирање државна истражна комисија за нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.












