Македонската ракометна репрезентација утре ќе го одигра првиот од двата бараж-натпревари против Словачка, за пласман на Светското првенство. Мечот се игра во Прешов со почеток во 19:00 часот, додека реваншот е закажан за 17 мај, во Скопје.

Словачка стигна до баражот откако во претходната рунда ја елиминира Украина. Словаците славеа со 27:24 на гостински терен, на натпревар што се играше во Германија, додека на домашен терен беа поразени со 31:32, но, сепак, обезбедија место во следната фаза.

Токму поради тоа, македонскиот селектор Кирил Лазаров истакна дека репрезентацијата има максимален респект кон противникот, но и дека тимот извлекол важни поуки од претходниот бараж против селекцијата на Фарските Острови.

  • Имаме почит кон селекцијата на Словачка, има селектор од Шпанија, земја што ги дава најдобрите тренери во речиси сите спортови. Од минатиот бараж со Фарските Острови, научивме дека секој гол е важен, особено на гостински терен. Мора да имаме ритам сите 60 минути. Играат во Прешов, град познат по ракометот. Имаат изграден систем, немаат поединци што се истакнуваат, но, како тим, функционираат одлично. Нема да биде лесно и свесни сме за тоа – изјави Лазаров.

Тој додаде дека очекува тежок физички натпревар во Прешов, со многу прекини и борба, а потоа и голема поддршка од публиката на реваншот во Скопје.

  • Првата задача ни е Прешов. Потоа, на реваншот во Скопје, очекувам максимална поддршка и полни трибини во спортскиот центар „Борис Трајковски“ – порача македонскиот селектор.

ИЗДВОЕНИ