Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија ниту сака, ниту планира војна со Европа, но сепак, доколку европските земји започнат конфликт, одговорот на Москва би бил „поинаков и многу краток“.
Говорејќи на конференција за евроазиска безбедност во Минск, Лавров истакна дека, засега, не постојат изгледи за вистински дијалог со Европа. Тој го обвини Западот дека се обидува да го прошири своето влијание во источниот дел на Евроазија, како и на Арктикот – регион за кој, според него, Европската унија формулирала „отворено милитаристичка, конфронтациска стратегија“, пренесе агенцијата РИА Новости.
Осврнувајќи се на кризата во Украина, Лавров нагласи дека Русија не се залага за привремен прекин на огнот, туку за трајно решавање на она што тој го опиша како основни причини за конфликтот. Меѓу нив, тој ги издвои безбедносните закани за Русија, правата на руското и рускојазичното население, како и – како што рече – искоренувањето на нацистичката идеологија и практики.
Тој оцени дека повиците за прекин на огнот имаат за цел да му овозможат на Киев „предишка“, дозволувајќи му да ги обнови своите борбени капацитети со поддршка од странски сојузници.
Плановите на Лондон и Париз за распоредување меѓународни „сили за стабилизација“ во Украина, тој ги окарактеризира како обид за стабилизирање на, според него, „отворено нацистички режим“.
Говорејќи за Блискиот Исток, Лавров изјави дека военото присуство на надворешни актери не гарантира безбедност, туку напротив, ги зголемува ризиците. Тој додаде дека надворешните актери нема да помогнат ниту во развојот на рамка за управување во Авганистан.
Лавров најави дека Москва очекува наскоро да се одржи нова средба во рамките на консултативниот формат „3+3“, во кој учествуваат Русија, Турција, Иран, Азербејџан, Ерменија и Грузија.
Грузија, сепак, сè уште не ѝ се приклучила на оваа платформа.
Осврнувајќи се на рускиот предлог за нов систем на колективна безбедност, Лавров изјави дека Москва не предлага нова трка во вооружување, туку заедничка проценка на безбедносната ситуација и воспоставување систем на заемни гаранции. Четвртата меѓународна конференција за евроазиска безбедност се одржува во Минск на 3 и 4 ноември, со учество на над 600 претставници од 50 земји.












