Општина Струмица објави јавен конкурс за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција и урбанистичко уредување на Градскиот плоштад „Гоце Делчев“. Целта е да се добие современо и функционално решение за еден од најзначајните јавни простори во градот.

Заинтересираните архитекти и авторски тимови треба да ги достават своите предлози најдоцна до 30 ноември 2026 година, до 12 часот, по пошта или лично во архивата на Општина Струмица. Пристигнатите трудови ќе ги разгледува и оценува жири-комисија, која ќе ги избере најдобрите три архитектонски решенија.

За авторите на најуспешните предлози се предвидени парични награди. Првата награда изнесува 130.000 денари, втората 60.000 денари, додека третонаградениот труд ќе биде награден со 40.000 денари.

Градскиот плоштад „Гоце Делчев“ последен пат беше целосно реконструиран во 2010 година, кога доби нов архитектонски изглед, со подземна сообраќајница и паркинг. Новиот конкурс отвора можност за преиспитување на изгледот и функционалноста на централниот градски простор, кој претставува место за секојдневно движење на граѓаните, јавни собири и одржување на различни манифестации.

Со изборот на идејно решение, Општина Струмица треба да добие архитектонска основа за идното уредување на плоштадот, а каков ќе биде неговиот нов изглед ќе зависи од предлозите што ќе пристигнат на конкурсот.

ИЗДВОЕНИ