Во Струга се очекува постепено стабилизирање на водоснабдувањето откако е забележано подобрување на состојбата со изворите. Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека проблемите со нередовното и недоволно снабдување со вода во изминатиот период биле предизвикани од намалената издашност на изворите поради неповолната хидролошка состојба.

Од претпријатието појаснуваат дека, со исклучок на дефектот од 28 октомври, предизвикан од трета страна и во меѓувреме саниран, рестрикциите не биле резултат на дефекти во водоводната мрежа, туку на недостиг од вода на изворите.

Во меѓувреме, екипите работеле на отстранување на повеќе дефекти, меѓу кои и долгогодишни проблеми, со цел намалување на загубите на вода и подобрување на системот. Според најавите, подобрувањето на хидролошката состојба треба да овозможи зголемување на количините вода што се зафаќаат преку системот, со што би се надминале актуелните проблеми со снабдувањето.

Паралелно, во соработка со надлежните институции и експерти се подготвува долгорочно решение за стабилно водоснабдување. Предлозите наскоро ќе бидат доставени до надлежните органи. Од ЈП „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните за разбирање, уверувајќи дека продолжуваат со активностите за подобрување на состојбата и за обезбедување редовно снабдување со вода.

ИЗДВОЕНИ