Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) ја информира јавноста дека оваа година ќе биде домаќин и организатор на ВАКО Европското првенство во кикбокс за сениори, ветерани и параспортисти, кое ќе се одржи од 6 до 15 ноември 2026 година во Скопје, во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Станува збор за еден од најзначајните меѓународни кикбокс-настани во Европа, кој ќе го претвори Скопје во центар на европскиот кикбокс и ќе ги собере најдобрите натпреварувачи од европските земји. На првенството се пријавени 1.025 натпреварувачи со вкупно 1.191 натпреварувачки влез од 41 европска држава, што претставува потврда за големиот интерес и значењето на овој спортски настан.

Особено значајно е што Македонија ќе има можност да биде домаќин на ваков голем европски спортски собир, со што дополнително се афирмираат нашата држава, македонскиот спорт и организациските капацитети на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија на меѓународната спортска сцена.

Македонската репрезентација ќе настапи со 33 натпреварувачи во вкупно 34 натпреварувачки влеза, кои ќе ја претставуваат државата во различни дисциплини и натпреварувачки категории.

Во составот на македонската репрезентација се: Стефан Михајловски, Климент Грозданоски, Силвио Мировски, Максим Митровски, Нелсон Узеир, Петре Велков, Лука Ќипровски, Халдун Ахмед, Анастас Ангелески, Митко Ашкилов, Леа Бошевска, Дарко Димитриев, Марија Димовска, Наум Додевски, Никола Ѓорѓиевски, Анастасија Јанческа, Полат Камберов, Иван Кукуновски, Стефан Мојсоски, Милан Нешевски, Дарко Нумановиќ, Марко Ристоски, Кристина Спиркоска, Анабела Стоцоваз, Филип Талевски, Крсте Трајковски, Андреј Ваневски, Викторија Варадинова, Мирко Василев, Радослав Велески, Васил Валмарски, Филип Велинов и Теа Велковска.

Репрезентацијата ќе биде предводена од претседателот и селектор на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко, заедно со тренерот Драган Атанасовски и со помошните тренери – Александар Димовски, Жарко Михајловски, Шенол Асанов, Зоран Спасов и Жарко Ангеловски.

Свеченото отворање на Европското првенство ќе се одржи на 8 ноември 2026 година (недела), со почеток во 17:00 часот, во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, додека натпреварувачкиот дел ќе стартува на 9 ноември и ќе трае до 14 ноември.

Покрај спортскиот дел, во рамките на првенството ќе се реализираат и значајни активности од институционален, едукативен и од стручен карактер. Предвидено е одржување на Генералното собрание на ВАКО Европа, на кое ќе присуствува претседателот на КМФМ и член на Бордот на директори на ВАКО Европа, Дејан Митровски.

Покрај Генералното собрание, ќе се одржи и Балканското изборно собрание, каде што досегашен претседател е Дејан Митровски-Урко.

Покрај собранијата, ќе бидат организирани и стручни семинари и едукативни активности наменети за судиите и за тренерите, како и семинари посветени на антидопингот и на заштитата и безбедноста на учесниците.

Организацијата на ова Европско првенство претставува големо признание за досегашната работа на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, но истовремено и голема одговорност и можност за понатамошно унапредување и промоција на кикбокс-спортот во нашата држава.

Очекуваме Скопје во овие десет дена да биде домаќин на врвни европски спортисти, спортски делегации, тренери, судии и претставници на меѓународните спортски организации, со што ќе се испрати силна порака за спортско единство, ферплеј, инклузија и меѓународна соработка.

  • Нашата репрезентација е подготвена и со особена мотивација го очекува настапот на ова Европско првенство. Фактот што ќе се натпреваруваме на домашен терен и што Македонија е домаќин на еден ваков голем спортски настан, претставува дополнителен мотив за сите наши натпреварувачи. Подготовките се наоѓаат во финална фаза, а и натпреварувачите и тренерскиот тим вложија максимални напори за што подобра физичка, техничка и психолошка подготвеност. Верувам дека секој од нашите репрезентативци ќе го даде својот максимум, ќе се бори достоинствено и ќе ја претставува Македонија со гордост. Нашата цел е да оствариме квалитетни борби и да се бориме за највисок пласман во секоја категорија. Пред сè, посакувам сите делегации и репрезентации безбедно да пристигнат во Македонија и првенството да помине во најдобар ред, со ферплеј и без повреди. Посакуваме да имаме среќа при ждрепката, но најважно е нашите натпреварувачи да го дадат својот максимум и да ги оправдаат очекувањата. Нашата спортска цел е освојување најмалку четири медали, а веруваме дека со посветеноста, квалитетот и со мотивираноста на нашиот тим можеме да го оствариме тоа. Паралелно со подготовките на репрезентацијата, и организацијата е во завршна фаза на реализација. Сакаме сите 41 држави учеснички да се чувствуваат добредојдено и да понесат позитивни впечатоци од Македонија. За нас, ова не е само спортско натпреварување туку и можност да покажеме дека Македонија има капацитет успешно да организира настани на највисоко европско ниво – посочи првиот човек на Федерацијата, Митровски.

 

ИЗДВОЕНИ