Обвинителството во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ остро се спротивстави на градежниот вештак Петре Русески ангажиран од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов, бидејќи во своето вештачење за објектот лаички носел заклучоци, како никогаш да немало пожар во кој загинаа 63 млади луѓе а над 200 останаа повредени.
– Безбедноста на еден објект не се оценува апстрактно, туку во однос на неговата конкретна намена, начинот како се користи и вградените материјали. Особено загрижува начинот на кој вештакот ги релативизира недостатоците од областа на евакуацијата и противпожарната заштита. Во сите три вештачења воопшто не може да се препознае настанот за кој се изработени, со оглед на тоа што последицата ја нема никаде – ниту на почетокот ниту во заклучоците. Ова вештачење содржи противречности и ограничувања и не може да се прифати како целосно стручна и релевантна основа за утврдување на фактичката состојба,
смета Јавното обвинителство. Според Обвинителството, вештакот сам потврдил дека не е стручен за повеќе области клучни за овој предмет, а сепак изведува заклучоци од области како противпожарна заштита, урбанизам, инсталации, безбедност на објектот, неговата намена и подобност за вршење угостителска дејност. Неговиот заклучок дека објектот ги исполнува условите за дискотека е во суштинска противречност со фактичката и правна состојба, без претходно спроведена законска постапка за пренамена, истакна Обвинителството.
Адвокатот Петре Шилегов повторно побара да се преиспита обвинението бидејќи, како што вели, децениското незаконско работење на „Пулс“ не може да се споредува со одговорноста кај голем дел од обвинетите. На ова реагираа родителите кои во изјава за медиумите велат дека токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, согласно со обвинението, придонеле за загрозување на човечките животи и трагичните последици.














