недела, септември 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ајварката со 80 отсто штета од невремето, земјоделците чекаат обесштетување

Ајварката со 80 отсто штета од невремето, земјоделците чекаат обесштетување

36

Невремето што на 24 август ги погоди Мало Коњари, Големо Коњари и Мажучиште уништило меѓу 60 и 80 отсто од ајварката во Прилепско. Вкупно 154 земјоделци поднеле барања за обесштетување до истекот на рокот на 1 септември, а по завршувањето на проценката конечниот процент на надомест ќе го утврди Владата.

Според последните објавени податоци, Комисијата за проценка обработила околу 70 отсто од барањата. По теренската проверка треба да биде подготвен елаборат, кој прво ќе го разгледува Советот на Општина Прилеп, а потоа ќе биде доставен до Владата.

Првичната проценка на Комисијата покажува штета од 60 до 80 отсто кај црвената пиперка. Од Сојузот на земјоделските здруженија претходно предупредија дека на одделни ниви во Големо Коњари родот е целосно уништен.

Невремето, проследено со силен дожд, ветер и град, го погодило и тутунот. Во Прилепско штетите кај оваа култура се проценуваат меѓу 30 и 40 отсто, додека во Долненско на одделни места се движат од 50 до 100 отсто.

Последиците може да се одразат и врз вкупното производство на тутун. Наместо очекуваните околу 30.000 тони, земјоделските здруженија проценуваат дека годинашниот род би можел да се намали на 25.000 до 26.000 тони.

Земјоделците повторно го отворија и прашањето за осигурувањето на посевите. Иако државата покрива дел од трошокот за полисите, интересот останува мал. Сојузот бара осигурувањето на родот да се поврзе со договорите за производство, а компаниите да преземат обврска да осигурат најмалку пет отсто од земјоделските површини.

Засега не е објавен конечниот износ на штетата, ниту процентот што државата ќе им го надомести на погодените производители.

ИЗДВОЕНИ