четврток, септември 10, 2026
Дома СВЕТ Кривичниот суд во Лондон соопшти: Британец е обвинет за помагање на...

Кривичниот суд во Лондон соопшти: Британец е обвинет за помагање на руски шпиони во заговор за саботажа на фабрика за дронови во Обединетото Кралство

14
Фото:википедија

Обвинителите денеска пред суд во Лондон соопштија дека еден Британец планирал саботажа на фабрика за дронови во Англија во соработка со руски шпиони. Џошуа Камиџ, 31-годишен Британец, е обвинет за дејствија со кои директно ѝ помогнал на странска разузнавачка служба – што претставува прекршување на Законот за национална безбедност – пренесува АП.

Камиџ не се изјасни за вината при своето прво појавување пред судот. Тој е задржан во притвор и му е наложено да се појави пред Централниот кривичен суд во Лондон на 25 септември. Обвинителот Ворен Станиер денеска пред судот изјави дека Камиџ бил во контакт со наводен претставник на „Доброволниот корпус на ГРУ“ (GRU Volunteer Corps), група под контрола на руското воено разузнавање.

„Главна тема на нивната комуникација биле локациите на фабриките за дронови во Обединетото Кралство и планирањето на нивна саботажа“, рече Станиер. „Тој точно знаел со кого комуницира и какви се последиците од она што го нудел“, додаде тој.

Според обвинителниот акт, во периодот од март до почетокот на септември, Камиџ обезбедувал информации за четири локации за производство на дронови во неговиот роден град Свиндон, кој се наоѓа западно од Лондон.

Во јули, Обединетото Кралство го прогласи „Доброволниот корпус на ГРУ“ за закана по националната безбедност. Оваа одлука се засноваше на активностите на групата поврзани со собирање странски разузнавачки податоци и спроведување непријателски тајни операции во име на руското воено разузнавање. Поддршката за таа организација е забранета со нов закон што ѝ дава поголеми овластувања на владата за справување со посреднички групи кои спроведуваат непријателски активности во име на странски држави. Лицата осудени за помагање на корпусот се соочуваат со казна затвор до 14 години. Британските власти ја сметаат ГРУ за одговорна за низа непријателски активности против земјата и нејзините сојузници.

ИЗДВОЕНИ