Долгогодишна вработена во сафари-парк во Холандија почина во вторникот од повредите здобиени откако била нападната од леопард во неговото живеалиште за време на викендот, пренесува „Асошиејтед прес“.
Од сафари-паркот „Биксе Берген“ (Beekse Bergen) соопштија дека жената – чие име не е објавено, во согласност со холандските закони за приватност – починала откако во саботата се здобила со тешки повреди на главата и вратот, додека работела во просторот каде што се чуваат два мажјака од видот персиски леопард.
„Нејзината смрт длабоко нè потресе и упатуваме искрено сочувство до нејзиното семејство, пријателите и сите нејзини блиски“, изјавија од зоолошката градина, која се наоѓа во градот Хилваренбек, во јужниот дел на земјата. Соопштението е објавено во координација со семејството на починатата.
Жената започнала да работи во сафари-паркот на 17-годишна возраст и таму ја поминала речиси целата своја 40-годишна кариера.
Во тек е истрага за да се утврди зошто жената се наоѓала внатре во живеалиштето со леопардите. Според правилата, на вработените во зоолошките градини не им е дозволено да престојуваат во ист простор со животни-грабливци.
Според раководството на паркот, жената успеала преку радио-врска да ги извести колегите дека е повредена. Во саботата, околу 11:00 часот по локално време, во паркот биле испратени екипи за итна помош и медицински хеликоптер.
Жената била подложена на итна операција, но нејзината состојба се влошила во неделата навечер, по што од паркот соопштија дека, за жал, таа веројатно нема да преживее. Раководството на сафари-паркот најави дека во еден дел од комплексот ќе биде одреден простор каде што посетителите и вработените ќе можат да остават пораки со сочувство.












