Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по телефонско јавување за сомнеж за труење со храна во РЕК „Битола“, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институтот за јавно здравје – Скопје и инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот што вршел снабдување со храна на РЕК „Битола“.
– Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисови од работните површини, рацете и носот на затечените вработени лица во кујната. Согласно со Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно е дадена забрана за вршење дејност подготовка и послужување храна од неа, сè до завршувањето на инспекциската постапка и добивањето уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисови – соопштија од АХВ.
Наредено е и вонредно чистење и дезинфекција на објектите и на опремата и спроведување вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица, а инспекциската постапка продолжува.
Од АД ЕСМ денеска соопштија дека веднаш по појавата на првите симптоми кај дел од вработените во рудникот, сите лица кои се пожалиле на труење биле навремено упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола.
– Според досегашните информации, на преглед се јавиле вкупно 81 лице, при што најголемиот дел се со лесна клиничка слика и сите се пуштени на домашно лекување. Ова укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност. Важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми – истакнаа од АД ЕСМ.












