недела, јуни 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Крај на случајот со „тенката Милка“: Донесена е пресуда!

Крај на случајот со „тенката Милка“: Донесена е пресуда!

103

Германскиот регионален суд во Бремен вчера пресуди против кондиторскиот гигант Монделез, откако утврди дека компанијата ги довела во заблуда потрошувачите кога ја намалила тежината на своето популарно чоколадо „Милка“, а пакувањето го задржала непроменето.

Во пресудата се наведува дека препознатливиот изглед на пакувањето создава очекување кај клиентите за одредена количина на производ, додека клиентите лесно можат да ги превидат ситните букви на информациите за тежината, кои често на полиците во продавниците се сокриени со работ на полицата.

Анализата покажа дека новото чоколадо Милка во пакувањето станало потенко за само еден милиметар.

Визуелно, пакувањето е идентично со старото, што судот го окарактеризира како свесна употреба на ефектот на препознатливост за да се прикрие вистинската промена на содржината.

Судскиот случај го покрена Здружението на потрошувачи на Хамбург откако Монделез ја намали тежината на своите стандардни чоколадни плочки од 100 на 90 грама минатата година.

Клучниот проблем не беше само намалувањето на количината, туку фактот дека пакувањето остана со иста големина и дизајн, според веб-страницата на здружението.

Пресудата сè уште не е конечна, но се очекува да има влијание врз прехранбената индустрија во Европа, каде што поплаките за таканаречената „shrinkflation“ – практика на намалување на количината на производот, а воедно одржување или зголемување на цените – станаа почести во последниве години.

Потрошувачките здруженија бараат секој производ чија тежина е намалена да има истакнато известување на пакувањето најмалку шест месеци, а големината на пакувањето да се намалува во согласност со намалувањето на содржината.

ИЗДВОЕНИ