Додека Владата ја засилува офанзивата против растот на цените и бара од трговците, дистрибутерите и од производителите да покажат поголема општествена одговорност, економските аналитичари предупредуваат дека не може да се сведе инфлацијата само на казни, инспекции и на притисок врз маркетите. Премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на најголемите синџири маркети, порача дека е кризата прикрај и дека е време компаниите да им возвратат на граѓаните за трпението преку намалување на цените на основните прехранбени производи. Истовремено, Владата постави конкретна цел: годишната стапка на раст на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под 3 проценти.
– Кризата завршува. Граѓаните беа толерантни во изминатиот период, а сега е ред трговците, дистрибутерите и производителите да им се одолжат преку намалување на цените на основните прехранбени производи. Владата ќе го испорача својот дел од обврските и очекуваме и тие да го направат истото. Сите заедно треба да бидеме општествено одговорни, затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени – изјави Мицкоски.
Целта, како што рече, е да се утврди каде се создава просторот за раст на цените и дали постојат неоправдани разлики меѓу набавните и продажните цени.
Премиерот најави дека Владата ги анализира и сите можни чекори доколку не биде почитувано договореното со трговците.
– Ги анализираме сите објективни состојби што беа посочени од трговците, но анализираме и промена на одредени законски решенија во насока на поуспешна реализација на оваа цел. Она што е од страна на Владата – ќе биде испорачано, останува тие да го испорачаат тоа – рече Мицкоски.
Според извршниот директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), Виктор Митевски, институциите мора да направат јасна разлика меѓу санкционирањето на незаконските практики и водењето економска политика.
– Владата има обврска да реагира кога растат цените на основните производи и кога тоа директно го притиска животниот стандард на граѓаните. Но, казните не смеат да бидат замена за економската политика. Ако има нефер трговски практики, злоупотреба на пазарната позиција, картелско однесување, манипулации со цените или прекршување на закон, тогаш институциите треба да постапуваат строго, брзо и врз основа на докази. Тоа не е спорно – изјави Митевски за весникот ВЕЧЕР.
Тој предупредува дека инфлацијата е многу посложен проблем и дека не може целосно да се објасни со однесувањето на трговците.
– Проблемот е кога се сведува целата инфлација на тезата дека трговците се виновни. Растот на цените не се решава само со закани, инспекции и со јавен притисок. Тоа може да даде краткорочен политички ефект, но не ја решава суштината. Потребен е поцелосен пристап: вистинска анализа на маржите по синџирот на снабдување, споредба со увозните и производствените цени, активна Комисија за заштита на конкуренцијата, транспарентно следење на цените на синдикалната кошничка, но и мерки за зголемување на конкуренцијата и за намалување на трошоците за логистика, увоз, дистрибуција и домашно производство – вели Митевски.
Според него, казната треба да биде последица на утврдена неправилност, а не главна економска мерка.
– Во спротивно, ризикуваме да добиеме популистичка политика која создава впечаток дека се прави нешто, а цените продолжуваат да растат. Граѓаните немаат корист од политичка пресметка со трговците, имаат корист од функционални институции, јасна конкуренција, транспарентни маржи и целни мерки за оние домаќинства што најмногу го чувствуваат растот на цените – додава Митевски.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека во јавноста недостига појасна и подолгорочна стратегија за справување со растот на цените и за зајакнување на домашното производство.
– Наместо да биде ставен фокусот исклучиво на контролите и на можните санкции, потребни се покреативни и поодржливи мерки, кои ќе ја зголемат конкурентноста на домашната економија. Особено е важно да се создадат услови за поголема поддршка на домашните производители, бидејќи тие се клучен дел од синџирот на снабдување и од долгорочната ценовна стабилност. Доколку изостане таков пристап, постои ризик да се доживеат мерките како дополнителен притисок врз стопанството наместо како поттик за поголемо производство, инвестиции и пониски цени за граѓаните – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
Од Владата, пак, уверуваат дека остануваат посветени на изнаоѓањето системски решенија со кои инфлацијата кај основните прехранбени производи ќе се одржува под 3 проценти. Според Мицкоски, во мај годишниот раст на цените на основните прехранбени производи се движел меѓу 4,5 и 4,7 проценти, а целта е веќе во јули таа стапка да биде пониска од 3 проценти.
Така, додека се обидува Владата преку дијалог со стопанството, инспекциски контроли и можни законски измени да го забави растот на цените, економските аналитичари предупредуваат дека ќе има долгорочни резултати само доколку се води борбата против инфлацијата преку поголема конкуренција, спречување на злоупотребите и намалување на трошоците во целиот синџир на снабдување, а не само преку притисок врз трговците.
(А. С.)












