„Игор Дурловски е убедлив Анџелоти, со забележителна експресивна сила и со внимателно балансирана вокалност“, „Страсниот Игор Дурловски во улогата на Анџелоти“, „Игор Дурловски го направи Чезаре Анџелоти убедлив и жив на сцената“… Ова се само мал дел од бројните позитивни реакции во италијанските медиуми и уште едно значајно признание за настапот на врвниот македонски оперски уметник, басот Игор Дурловски. По осумте изведби на операта „Тоска“ во „Театро Реџо“, одржани од 12 до 21 јуни, Дурловски доби високи оцени од критиката и од публиката, потврдувајќи го својот углед на меѓународната оперска сцена.

Тој брилираше од почеток, па сè до последната осма изведба, уште еднаш потврдувајќи дека се работи за врвен професионалец и уметник од светски ранг, кој со исклучителна сигурност и маестралност владее со сцената. Со својата последна изведба, тој го заокружи професионалниот ангажман во оваа светски реномирана оперска куќа и остави силен печат на италијанската музичка сцена. Притоа покажа дека Македонија има врвни уметници и професионалци, кои со своите настапи на европските и на светските оперски сцени се рамо до рамо со најистакнатите претставници на оперската елита.

Токму Дурловски во мај ги најави подготовките за овој свој ангажман.

– Има работни места што едноставно ви го одземаат здивот… Вака изгледа моето. Подготовки за мојата нова продукција на „Тоска“ во „Tеатео Реџо Торино“– напиша тогаш Дурловски.

Тој претходно, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, откри дека ќе гостува на една од најпрестижните сцени во Италија, „Театро Реџо“ во Торино.

– Секое претставување надвор од татковината го доживувам како амбасадорска мисија и можност да ја споделам нашата културна традиција и да ја афирмирам македонската уметност пред светската јавност. Најголемо задоволство е што преку работата ја споделувам убавината на уметноста со публиката и создавам моменти што остануваат трајно во срцата на луѓето – изјави Дурловски тогаш, за весникот ВЕЧЕР. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ