Барселона е пред реализација на големо засилување за продолжението од сезоната, откако, според шпанските медиуми, постигнала договор со францускиот плејмејкер Килијан Хејс. Информацијата ја објави „Мундо депортиво“, наведувајќи дека каталонскиот гигант реагира поради проблемите со повреди во надворешната линија.
Хејс беше избран како седми пик на НБА-драфтот во 2020 година од Детроит, но не успеа целосно да ги оправда големите очекувања. Во најсилната лига во светот настапуваше за Детроит, Бруклин и Сакраменто, со просек од осум поени, пет асистенции и три скока на 239 натпревари.
Неговите најголеми квалитети се прегледот на играта, организацијата на нападите и дефанзивните способности, додека шутот од дистанца останува една од слабостите. Токму неговата способност за креирање игра би можела да биде особено важна за Барселона во овој период.
Каталонците се соочуваат со кадровски проблеми бидејќи Кевин Пантер се очекува да паузира околу шест недели, а отсуство се најавува и за Умар Гибсон. За Хејс, пак, преселбата во Европа претставува нова шанса да го покаже потенцијалот по неуспешниот обид да се наметне во НБА.











