Плановите на НБА за основање нова кошаркарска лига во Европа, чиј почеток е најавен за октомври 2027 година, се соочуваат со сериозни компликации. Дел од потенцијалните учесници сè повеќе се насочуваат кон Евролигата, што создава нови проблеми за комесарот Адам Силвер.
Според „Атлетик“, заинтересираните клубови прво сакаат да знаат дали во Европа ќе функционираат две големи натпреварувања или само едно. Дополнителна пречка се и високите финансиски барања што ги поставува НБА доколку постојат две одделни лиги.
Интерес за проектот претходно покажаа Реал Мадрид, Барселона и Баерн Минхен, но ситуацијата се промени откако Евролигата започна со воведување франшизен модел и подобрување на своето натпреварување.
Во моментов, НБА сè уште нема обезбедено посакувани 12 клубови кои би ја формирале новата лига. Доколку наскоро не се најде решение, првично најавениот датум за почеток во октомври 2027 година би можел да биде доведен во прашање.











