четврток, јуни 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Уапсен е поранешниот претседател на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски!?

Уапсен е поранешниот претседател на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски!?

Финансиската истрага од пред шест години доби разврска

184

Уште еден мега-скандал го тресе македонскиот фудбал. Поранешниот претседател на Фудбалска федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, неофицијално е уапсен за наводни финансиски злоупотреби во „Куќата на фудбалот“. Според информациите, претреси се вршале на повеќе локации, а не се исклучува можноста да бидат приведени и други лица.

Апсењето следува по кривичната пријава што Управа за финансиска полиција ја поднесе во 2020 година против 11 физички и 14 правни лица, под сомнение за проневера на околу 2,4 милиони евра во ФФМ.

Според тогашното соопштение, Ѓорѓиоски бил осомничен дека како претседател на Федерацијата несовесно постапувал во вршењето на службените должности и не извршил соодветен надзор, со што овозможил незаконски исплати од сметките на ФФМ кон повеќе правни лица.

Во предметот биле опфатени и поранешни функционери во Федерацијата, осомничени за злоупотреба на службената положба, проневера, перење пари, измама во службата и други кривични дела. Финансиската полиција тогаш соопшти дека дел од средствата биле исплаќани врз основа на фиктивни фактури за услуги и стоки кои никогаш не биле испорачани.

Меѓу наводите во пријавата беше и тврдењето дека службена кредитна картичка на ФФМ била користена за приватни трошоци, при што на Федерацијата и била нанесена штета од над три милиони денари.

Истрагата се однесува на периодот од 2016 до 2019 година, а надлежните институции се очекува да објават повеќе детали за спроведената акција и за евентуалните нови осомничени.

Истражните органи во текот на денот спроведоа повеќе активности на неколку локации, при што беа извршени претреси и обезбедени докази поврзани со предметот. Неофицијално, при претрес во домот на Ѓорѓиоски биле пронајдени поголеми парични средства во готовина, кои ќе бидат предмет на понатамошни проверки во рамки на истрагата. Засега не се соопштуваат официјални детали за кривичните дела за кои се води постапката, ниту за улогата на осомничените лица и компаниите опфатени со акцијата. Р.В

 

 

ИЗДВОЕНИ