Наум Пановски, годинашен добитник на Рациновото признание, иако конкурирал за наградата, сепак се попишманил по неговото добивање. Иако на социјалните мрежи на 12 јуни, два дена по објавувањето на добитникот на ова престижно признание за неговата книга „Коста Солев – смртопис“, тој ѝ се заблагодари на жири-комисијата, денеска објави дека, всушност, ја одбил наградата во видеопорака што не била прикажана пред присутните на свеченото отворање на манифестацијата „Рацинови средби“ што се одржа во Велес, на 15 јуни?!

– За мене, сево ова, примањето на оваа награда, би било затворање очи пред грдата македонска реалност, би претставувало предавство на моите идеали, уште едно предавство на Коста Солев и давање легитимитет на оваа власт и на секоја друга власт во Македонија од 1991 до денес, кои ја разнебитија, ограбија, разурнаа и обезличија Македонија – вели, меѓу другото, Пановски, кој додава дека неприкажувањето на неговата видеопорака креирана во Цирих на 15 јуни е непромислен чин, кој го смета за цензура и кршење на уставното право на слободен говор.

Исто така, вели дека им кажал на организаторите, по соопштувањето дека е добитник, дека заминува во странство и дека ќе биде отсутен.

Инаку, во својата видеопорака Пановски, меѓу другото, вели: „Како тоа станавме културно политичка забит која се распаѓа од корупција, национализам и омраза кон сите, а најмногу кон самата себе? Како станавме разнебитен свет сосема спротивен од хуманиот свет за кој Коста Солев сонуваше и се бореше и поради што плати со својот мачен живот на прогонет и насилно отстранет пролетерски поет?“

Иако вели дека не сака да го прими признанието, истакнува дека паричниот дел од наградата ќе ѝ го отстапи на хуманитарната организација „Пркос“?!

Организаторот на настанот, Општина Велес, пак, во писмено соопштение, како краток одговор на реакцијата на наградениот Пановски, посочи: „Обраќањето на добитникот не е достојно за Рацин, за манифестацијата. Ако не ја прифаќа наградата, зошто се пријавил и конкурирал за ‘Рациновото признание’?“

Инаку, за наградата Рациново признание на конкурсот годинава биле пријавени 25 дела. Романот „Коста Солев – смртопис“ на Наум Пановски бил избран за наградата со мнозинство гласови на жири-комисијата во која членуваа проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска- Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова.

ИЗДВОЕНИ