Влијателниот американски медиум „Блумберг“ го објави целосниот нацрт на договорот меѓу САД и Иран, потврдувајќи ја автентичноста на документот што претходно беше објавен од арапската телевизија „Ал Арабија“. Според информациите, станува збор за меморандум од 14 точки кој би можел значително да ја промени политичката и безбедносната состојба на Блискиот Исток.

Според нацртот, официјалното потпишување на документот е планирано за петок во Швајцарија. Со неговото стапување во сила би започнале преговори што треба трајно да го завршат конфликтот и да воспостават нова рамка за иранската нуклеарна програма.

Договорот предвидува моментален и траен прекин на непријателствата, како и заемно почитување на суверенитетот на двете држави. САД би ја укинале поморската блокада, би овозможиле обновување на бродскиот сообраќај и постепено би ги повлекле своите сили од регионот по постигнување конечен договор.

Еден од најзначајните делови од документот е економскиот пакет за Иран. Вашингтон се обврзува да подготви план за обнова и економски развој вреден најмалку 300 милијарди долари, како и постепено укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите ирански средства.

Во замена, Иран повторно би потврдил дека нема да произведува нуклеарно оружје, додека сите спорни прашања поврзани со нуклеарната програма би биле решени во рамки на конечниот договор.

Аналитичарите оценуваат дека предложениот договор претставува голема дипломатска победа за Техеран, бидејќи отвора пат за обновување на извозот на нафта, враќање на финансиските средства и можност за целосно укинување на меѓународните санкции. Доколку биде потпишан, договорот би можел да означи почеток на нова ера во односите меѓу САД и Иран.

ИЗДВОЕНИ