четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА КОНФРОНТАЦИЈАТА ВО СДСМ СЕ СЕЛИ ВО ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО КАРПОШ: Социјалдемократите чекаат...

КОНФРОНТАЦИЈАТА ВО СДСМ СЕ СЕЛИ ВО ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО КАРПОШ: Социјалдемократите чекаат сигнал за исклучување, Шилегов готви одбрана

2124

Сè уште не сме ја добиле одлуката на партискиот Извршен одбор околу исклучувањето на Петре Шилегов, но штом ќе ја добиеме, постапката ќе започне, изјавија вчера во Општинската организација на СДСМ во Карпош. Првиот човек на организацијата во оваа скопска општина, Панче Милевски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека сè уште не ја добиле одлуката со која ИО ја започнал постапката за исклучување на поранешниот скопски градоначалник од партиските редови.

– Одлуката сè уште не сме ја добиле, но штом ќе ја добиеме, ќе постапиме по неа. Сè ќе биде по процедурата што е предвидена според партискиот Статут, односно сè ќе биде демократски. Ќе се консултираме и со правниците во партијата – ни изјави Милевски.

Откако објави партискиот лидер, Филипче, дека е поведена постапка за исклучување, Шилегов завчера го повика да дојде во партиската организација во Карпош, каде што членува, за да разговараат со членството.

– Јас ќе се потрудам да има сериозно многу членство, и за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување. Во однос на тоа дека

завршиле тие, тој завршил со Петре Шилегов, јас нема да дозволам тоа. Сето она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, она што го имам направено за СДСМ и она што сè уште го правам, нема да дозволам да го валка човек што е нестатутарно избран за претседател – изјави Шилегов.

Инаку, партискиот Статут на опозициските социјалдемократи околу исклучувањето членови предвидува неколку опции за исклучување членови, меѓу кои се „работење и дејствување кое му нанесува штета на угледот на партијата“. Конечната одлука за исклучување членови и функционери од неговата општинска организација носи Извршниот одбор на соодветна општинска организација. Одлука за исклучување може да донесе и Централниот одбор, но за членови на Централниот одбор на СДСМ, неговиот Извршен одбор, членови на пратеничката група и за членови во извршната власт.

– Во постапката за исклучување мораат да се приложат докази – документи и изјави. Основ за донесување одлука е усната расправа. На усната расправа задолжително се повикува членот против кого се води постапката за исклучување, и тоа во сите степени на постапката. ИО на ОО и на ЦО на СДСМ, пред кои се води постапката, дозволуваат присуство на член по барање на членот за кого се води постапка, кој би бил негова потпора во постапката – се наведува во партискиот Статут, во кој се додава дека жалбата по одлуката за исклучување се поднесува до партискиот Надзорен одбор.

Од друга страна, партиската портпаролка на СДСМ, Богданка Кузевска, вчера упати остри обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека владејачката партија стои зад обиди за внатрешно дестабилизирање на опозицијата. Таа ѝ порача на владејачката партија дека „сите ќе одговараат“ за криминалите што ѝ ги припишува на актуелната власт.

– Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не ѝ останува ништо друго, освен да проба да го руши СДСМ. Последните анкети направени од самата ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката, а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа се случува ова. Затоа и постои т.н. платформа, тоа е платформа за рушење на СДСМ одвнатре, осмислена од страна на ВМРО. Ние нема да дозволиме да се руши СДСМ. Овие очајнички обиди на ВМРО нема да успеат. СДСМ има нова сила – нова енергија – рече Кузеска.

Шилегов, кој најави донесување нова платформа од страна на поголема група социјалдемократи и барање за заминување на лидерот Филипче, завчера го обвини актуелното раководство на СДСМ дека се пазари со владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера одговорија дека ниту Филипче ниту Шилегов се алтернатива.

– Ниту Филипче ниту Шилегов се ВМРО-ДПМНЕ, заедничко за нив е тоа што се поразени на избори и не се никаква опција за граѓаните. За прес-конференцијата на Богданка Кузеска, која се однесува на трката кој е поголем ВМРО-ДПМНЕ, Филипче или Шилегов, ќе ја пресечеме со фактот дека ниту едниот ниту другиот не се ВМРО-ДПМНЕ, но сигурно е дека се поразени на избори и не се никаква опција за граѓаните.  Заеднички именител им е што добро ги знае народот и не се алтернатива, ниту можат да направат нешто добро за државата, освен да ја заглават, да не може потоа со години да се одглави – изјави пратеникот Бране Петрушевски. (Б. Ѓ.)

Славјанка Петровска: Се воздржувам од коментар

Со воздржување од коментар, пратеничката Славјанка Петровска одговори на новинарското прашање на весникот ВЕЧЕР околу информациите дека нејзините истапи и истапите на пратеникот Фатмир Битиќи биле на тапет на седницата на партискиот Извршен одбор. Според неофицијални сознанија, тие биле критикувани, но не им била изречена никаква мерка.

– Во моментов би се воздржала од коментар и би почекала дискусиите да продолжат во рамките на партијата, по што би го соопштила својот став – ни изјави Петровска.

ИЗДВОЕНИ