четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА УТРЕ ЗАСЕДАВА ЦРКОВНИОТ ВРВ НА МПЦ-ОА: Синодот ги среди домашните епархии, сега...

УТРЕ ЗАСЕДАВА ЦРКОВНИОТ ВРВ НА МПЦ-ОА: Синодот ги среди домашните епархии, сега се фокусира на Австралија

Според најавите, се очекуваат одлуки за тоа дали и натаму да постојат две епархии на петтиот континент или само една и кој би бил надлежен владика, како и за барањето на поранешните владици од ПОА да се најде решение за опстојување на нивните мали епархии, кои се економски неиздржливи. – Ние не отстапуваме од Уставот на нашата Австралиско-сиднејска епархија и не знам како би одело еден владика за две епархии – вели Игор Александров, раководител на Македонската православна заедница за Австралија со седиште во Сиднеј, за весникот ВЕЧЕР

222

Решенијата за епархиите во Австралија, но и во Македонија, се главниот предизвик со кој утре ќе се соочат владиците од Светиот синод на МПЦ-ОА на своето заседание во полн состав, закажано во Скопје. Пред нив е задачата да се најде решение за идното устројство на двете епархии на петтиот континент и за раководењето со нив. Предизвикот е повеќекратен: и натаму да се задржи постоењето две епархии – Австралиско-новозеландската со која три децении администрира митрополитот Петар и Австралиско-сиднејската, чиј трон е испразнет по смртта на владиката Тимотеј – или да се врати старото устројство со само една епархија и еден владика, кое се применуваше до 2021 година.

Сите овие комбинации предизвикуваат посебни искушенија. Најголемата дилема е дали ќе оди Синодот кон опцијата за обединување во само една епархија предводена од еден владика. Но, тука е проблемот дали би било прифатливо тоа за македонските црковни општини од Австралиско-сиднејската епархија, настаната како израз на противењето на политиките на администраторот и митрополит Петар и која има поинакво уредување отколку другата епархија.

Игор Александров, раководител на Македонската православна заедница за Австралија со седиште во Сиднеј, вели за весникот ВЕЧЕР дека идејата за обединување носи проблем.

– Клучното прашање е според кој устав ќе се раководи Епархијата. Ние се боревме за тоа 14 години. Од Уставот на Епархијата, која со тогашниот владика, Тимотеј, ја регистриравме како правно лице, нема отстапување. Епархијата на владиката Петар се води како негово деспотство. Поединци назначени од него ги водат црквите таму и тешко дека ќе го прифатат нашиот Устав додека е тој владика. Еден владика за две епархии со противречен начин на управување, не знам како ќе оди тоа. Не знам дали воопшто размислува Синодот за тоа – наведува Александров.

Дилема е и дали администраторот и владика Петар е подготвен да се повлече од тронот на Австралиско-сиднејската епархија. Но, за тоа нема да решава само тој туку и целиот Синод. Според неофицијални информации, најсериозен кандидат за негов наследник е епископот велички, Никола, кој му е истовремено и близок соработник. Името на овој епископ се споменува во две варијатни – и како владика на обединетата Епархија и како владика само на Австралиско-новозеландската епархија.

– Не знам дали епископот Никола е воопшто упатен во проблематиката околу уставните разлики во двете епархии. Лично, не би затворал врати за разговори со него, но не гледам развиен авторитет и докажани вештини за да може да менаџира спротивставени страни – наведува Игор Александров.

Во ситуација доколку се задржат двете епархии, прашање е кој би раководел со испразнетиот трон во Австралиско-сиднејската епархија. Тука се споменува името на отец Гаврил, игумен на манастирот во Кинг Лејк, Викторија. Но, и името на струмичкиот митрополит, Наум, кој би бил поставен за администратор. Него веќе го побараа неколку црковни општини.

– Сè уште сметаме дека митрополитот Наум е најдобро решение за да се одржи хармонијата – наведува Александров.

Сепак, не е исклучено да биде надополнета листата со можни кандидати со некое ново име од редот на новите архимандрити, кои го подмладија црковниот врв во изминативе месеци и чекаат на титули на епископи или митрополити.

Паралелно со ова, на седницата ќе се отвори и прашањето за функционалноста на епархиите во Македонија, особено по јавно изнесените барања на поранешните епископи од ПОА за проширување на нивните епархии. Се работи за Крушевско-демирхисарската епархија предводена од митрополитот Јован Вранишкоски, за Дељадровско-илинденската на чело со епископот Јоаким и за Делчевско-каменичката епархија предводена од епископот Марко.

– Таа точка ќе ја поставиме на дневен ред и ќе прашаме до каде е решавањето на нашиот проблем, оти тој секој ден станува сè потежок. Овој проблем го посочивме уште во јуни минатата година и требаше да се расправа кон крајот на минатата година. Но, тогаш се одложи. Сега ќе прашаме кое е решението. Толку мали епархии не може сами да се одржуваат – ни речен еден владика, кој сакаше да остане анонимен. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ