Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, вечерва (3 ноември) од 18:00 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии, преку кои ќе биде претставена 18. ликовната колонија „Марко Цепенков-Дрен 2026“, на која годинава се создадоа вредни монументално скулптури од метал, кои треба да бидат поставени на јавни простори во градот. Посетителите ќе имаат можност преку фотографиите да се запознаат со творечкиот процес на работа на годинашните уметници и со делата што ги создадоа.
– Колонијата беше значајна средба на уметници, идеи и на современи скулпторски изрази, со една јасна цел: уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата. Создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции, кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање. Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваа односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето. Особено ни значи што ликовната колонија „Марко Цепенков“ е добитник на наградата „3 Ноември“ на Општина Прилеп, признание што ги потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот. Осумнаесет години опстојува колонијата и преку неа се препознава развојот на современото ликовно творештво. Со 18. издание на „Марко Цепенков-Дрен 2026“, продолживме да градиме мост меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, создавајќи културна вредност што останува и по завршувањето на манифестацијата. Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и од нашето културно наследство – вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата, притоа потенцирајќи дека годинава првпат Општина Прилеп ја поддржала колонијата.
Изложбата, како и колонијата, е поддржана од Министерството за култура и туризам во годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ за 2026 г., за визуелни уметности.












