Од 18 јуни 2026 година, сите возила што влегуваат на територијата на Грција ќе мора задолжително да поседуваат нов, проширен комплет за прва помош, согласно со новите прописи што ги воведуваат грчките власти. Во спротивност, возачите ризикуваат парична казна од 30 евра.
Според информациите објавени од Асоцијацијата на камионски транспортери „Макам-транс“, новиот комплет треба да содржи вкупно 16 специфични предмети, меѓу кои и специјализирано изотермално спасувачко ќебе, стерилни облоги за изгореници, медицински маски, ракавици за еднократна употреба, еластични завои, фластери, медицински ножици и прирачник за прва помош.
Дополнително, сите медицински и фармацевтски материјали мора да бидат со важечки рок на употреба, во исправна состојба и со ознака CE, согласно со европската регулатива за медицински помагала. Одговорноста за редовна проверка и навремена замена на материјалите ќе ја имаат сопствениците и возачите на возилата, особено во летниот период, кога високата температура можат да влијае врз квалитетот на производите.
Новите правила предвидуваат комплетот за прва помош да биде поставен на лесно достапно место во возилото, со цел да може веднаш да се употреби во случај на сообраќајна несреќа или друга итна состојба. Забрането е во кутијата да се чуваат предмети кои не се дел од задолжителната медицинска опрема.
Покрај новите обврски за првата помош, грчките власти веќе ставија во функција и паметни камери на делови од патната мрежа, како и во поголемите градови, меѓу кои Солун и Атина. Воедно, воведени се и нови ограничувања на брзината од 30 километри на час во голем број урбани и станбени зони.
Возачите кои патуваат кон Грција се советуваат навремено да ја проверат опремата во своите возила и да обезбедат комплет што ги исполнува стандардите DIN 13164:2022 или еквивалентен ISO-стандард. Најпрактична опција, според препораките, е набавка на готов ЕУ/DIN 13164 комплет со задолжително термо-ќебе и заштитни маски од типот IIR или FFP2.












