Документарецот „Мојот син“ на авторот Маријан Стевановски од Македонија го освои гран-прито, односно плакетата „Милтон Манаки“, на годинашниот 34. интернационален фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“, кој се одржуваше деновиве, во Битола. Филмот е потресна приказна посветена на неговиот син, Филип Стевановски (музичар, продуцент, пијанист и тромбонист), кој трагично загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Стручното жири, во состав Благојче Божиновски (претседател), м-р Гоце Господиновски, д-р Антон Антонов, Аликвиадис Восд и Димитар Спасевски, одлучуваше за наградите. „Златната камера 300“ му беше доделена на Горјан Атанасов од Македонија, за филмот „Современиот Манаки“, додека „Сребрената камера 300“ му припадна на Валентин Иванов од Бугарија, за филмот „Гагарин и Варна“. „Бронзената камера 300“ ја освои Надица Петковиќ од Македонија, за филмот „Кумство, вера и духовна визија“, а сребрениот медал на UNICA им беше доделен на Никола Трајковски и на Андреј Митревски од Македонија, за филмот „Срце што пакува куфери“.

Плакетата на Општина Битола за најдобра камера ја доби Ајсу Салиевски од Македонија, за филмот „Назад во времето“, а плакетата за режија „Драги Савевски“ – Апостол Фанев, Красимир Георгиев и Нико Мајеров од Бугарија, за филмот „За верата“. Признанието за монтажа му припадна на Иван Ваххи од Узбекистан, за филмот „Шеховиот пат. На почетокот“, додека плакетата за идеја „Стево Сидовски-Сидо“ ја освои Џејмс Калмерс од Велика Британија, за филмот „Како Битлси го добија името“. На Џим Кастриоти Реџепи од Македонија, за филмот „Преспа“, пак, му беше доделена плакетата за репортажа.

Стручното жири одлучи да додели и специјални награди – плакети. Признанието на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола (УКЛО КОЛОРС) му припадна на Сергеј Шутју од Русија, за филмот „Дилема на северот“, за трајни вредности. Специјални плакети им беа доделени и на „Студио КЛИН“ при Професионалната гимназија по економија од Шумен, Бугарија, како и на Евелина Швидченко од Молдавија, за филмот „Кирнев од Тракија“.

Од пристигнатите 28 филма на конкурсот, во официјалната конкуренција беа избрани 12 документарни остварувања.

Фестивалот и годинава ја потврдува својата улога во афирмацијата на аматерскиот документарен филм, меѓународната филмска соработка и во негувањето на богатата кинематографска традиција на Битола.

ИЗДВОЕНИ