Во Народниот театар во Битола почнаа пробите за новата претстава – урнебесната комедија „Ни треба пејачка“, во режија на Ненад Витанов, според текстот на Кен Лудвиг. Премиерата е планирана за 12 декември.
Дејството се одвива во 1934 година, во хотелски апартман во Кливленд, каде што сè е подготвено за настапот на светски познатиот тенор Тито Мерели. По низа комични недоразбирања, неговата сопруга го напушта, а откако тој зема преголема доза апчиња, менаџерот помислува дека е мртов.
За да се спречи скандал, помошникот Макс се маскира како да е тој тенорот и настапува наместо него. Но, вистинскиот хаос почнува кога се буди вистинскиот тенор и тргнува кон театарот, предизвикувајќи низа забуни со идентитетите што траат до самиот крај.
Во претставата играат Валентина Грамосли, Кристијан Танчевски, Анастасија Трајковска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска и Јулијана Мирчевска.












