Изборен предмет Сеопфатно сексуално образование во средните училишта е повлечен, а врз наставната програма ќе се направи ревизија. Ова денеска го најави министерката за образование, Весна Јаневска, по реакциите во јавноста околу воведувањето на овој предмет по избор за средношколците од прва до четврта година.
– Ние ги повлековме програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Во програмата се темите семејство, заштита од сексуално преносливи болести, заштита од несакана бременост, рамноправност на половите, тема за недискриминација меѓу половите. Веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа – изјави Јаневска.
Како што рече, постојат научни докази дека сексуалното образование во средното образование е корисно во периодот кога децата на таа возраст се соочуваат со темите обработени во овој предмет. Предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година.
Дел од граѓанските организации, како и епископот стобиски на МПЦ-ОА Јаков, деновиве реагираа и ја повикаа министерката Јаневска да ја повлече наставната програма. Во отворено писмо, епископот Јаков го критикуваше начинот на кој во неа се третираат темите за родот, родовиот идентитет и сексуалните и репродуктивните права. Овој црковен достоинственик укажува дека со наставната програма, на учениците им се наметнуваат однапред определени вредносни ставови. Истовремено, тој укажува дека министерката Јаневска имала различни ставови додека била во опозиција и сега, како министерка за образование. (Б. Ѓ.)












