среда, септември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРОТ ОТКРИ НА КОЈ НАЧИН СЕ ПЛАТЕНИ МАНИФЕСТАЦИИТЕ ШИРУМ ЗЕМЈАВА: Прославата на...

ПРЕМИЕРОТ ОТКРИ НА КОЈ НАЧИН СЕ ПЛАТЕНИ МАНИФЕСТАЦИИТЕ ШИРУМ ЗЕМЈАВА: Прославата на Денот на независноста, граѓаните и Буџетот ги чинела нула денари

Сè е организирано од општествени одговорни компании – објасни првиот човек на Владата, Христијан Мицкоски

1

Не е потрошен ниту еден денар од средствата на граѓаните или, пак, од државниот Буџет за манифестациите што се организираат во рамките на одбележувањето на 35-годишниот јубилеј од самостојноста и независноста да државата. Ова денеска го откри македонскиот премиер Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на неговиот престој во Штип, врзано за реакциите во дел од јавноста и барањата да се објават податоците за вкупните трошоци. Според премиерот, трошоците биле покриени од страна на општествено одговорни компании.

– Имам лоша вест за сите оние што шпекулираа, негодуваа, лиферуваа лажни информации. Досега молчев, не сакав да зборувам, затоа што оставав сето она што претставува навистина посебен момент за граѓаните во тие градови. Лошата вест е дека сите овие настапи го чинат буџетот нула денари. И граѓаните и буџетот, сите овие настани ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на „Отворени финансии“ и ќе видите. Сè е организирано од општествени  одговорни компании. Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат дека и некој друг прави онака како што би правеле тие. Но, оваа Влада е домаќинска, народна и промакедонска, која се грижи за граѓаните и буџетските средства до денар да се трошат на транспарентен начин. Лошата вест за нив е дека се потрошени нула денари за организација на сите овие настани, а сепак имаме незаборавно лето – објасни премиерот.

Тој додаде дека во земјава имало историско лето за паметење, во кое голем број светски ѕвезди настапија по градовите низ државата.

– Сè започна во Битола, на 2 август, потоа продолжи карванот „Силно светнал ден“, кој помина низ 12-13 градови, вклучително и манифестацијата во Скопје, но и манифестацијата што ќе следи на 15 септември во Тетово. Потоа, во Струмица, со мегаѕвезди и рок-сепектакл со македонски рок-групи. Потоа на градскиот плоштад во Скопје, заедно со македонски „ол-стар“ ѕвезди настапи Хозе Карерас и сето тоа кулминираше со спектаклот што се одржа на Градскиот стадион во Скопје, каде што светски диџеј број еден, Дејвид Гета, приреди навистина спектакл за паметење пред педесетина илјади луѓе кои навистина уживаа. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните и на сите оние што учествуваа во организирањето на сите овие настани бидејќи покажавме дека како држава, знаеме, можеме и умееме да направиме светско, а да се случува тука, во Македонија – нагласи тој.

Опозициските партии СДСМ и Левица, со свои соопштенија, деновиве упатија обвинувања до Владата за криењето на трошоците за прославата.

– Граѓаните имаат целосно право да знаат, новинарите имаат право слободно да поставуваат прашања. А Владата на Мицкоски, наместо ароганција, има обврска да им каже колку пари ги чини прославата по повод 35 години од независноста. Настапот на Дејвид Гета чини најмалку 1 милион евра. Само за него. Ако на тоа се додадат бини, озвучувања, обезбедување, придружни актери и така натаму, сумата достигнува до 5 милиони евра. „Авалон“, фирмата што ја најавува владата, е со блокирана сметка и е на листата на должници на УЈП. Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер? – прашаа од СДСМ.

Од Левица соопштија дека наместо државноста да ја покаже преку зрели институции, јавна одговорност и почит кон граѓанинот, власта избра спектакл без потреба за каков било отчет.

– Така, народот повторно е третиран како декор – важен да ја финансира државата, но очигледно недостоен да знае колку чини она што се плаќа во негово име. Во таа едноставна контрадикција е собрана нивната претстава за владеењето – легитимитетот го бараат од народот, а правото на увид го задржуваат за тесен круг околу власта. ДПМНЕ може да закупи најголеми сцени, да донесе светски ѕвезди и да произведе километри патриотска сценографија, но државноста не произлегува автоматски од тоа. Државата станува туѓа кога власта почнува да располага со заедничкото како со свое, а од сопствениците бара само послушност и аплауз – се вели во соопштението на Левица. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ