Почнаа гужвите пред бензинските пумпи откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука од ноќеска по полноќ да поскапи цената на дизелот за 14,5 денари за литар, а на бензините за пет денари за литар. Тоа значи дека возачите ќе треба да го одврзат ќесето и да платат повеќе за гориво ако резервоарите им се празни.
Затоа возачите веднаш поитаа кон бензинските пумпи да наточат гориво за своите автомобили по старата цена. Тоа, како што забележа фотоапаратот на фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, Ѕвонко Плавевски, предизвика да се создаваат колони пред бензинските пумпи во Скопје.

Под претпоставка дека просечниот резервоар на патнички автомобил собира околу 40 до 60 литри гориво, трошокот за полнење значително ќе се зголеми. Така, за 50 литри еуродизел од полноќ ќе треба да се издвојат 4.275 денари, односно 725 денари повеќе отколку доколку истиот резервоар се наполни денеска пред да стапат на сила новите цени.
Кај автомобилите со бензински мотори ситуацијата е нешто поповолна, но и таму има зголемување на трошоците. Полн резервоар со еуросупер 98 според новите цени ќе чини околу 4.075 денари, што е за 250 денари повеќе отколку досега.
Ако се земе пример дека еден возач месечно поминува околу 1.000 километри, со просечна градска потрошувачка од осум литри на 100 километри, тогаш вкупната месечна потрошувачка би била околу 80 литри гориво. Во таков случај, месечниот трошок за дизел ќе изнесува околу 6.840 денари, што е за 1.160 денари повеќе од досега. Кај бензинските автомобили со еуросупер 98 месечниот трошок би достигнал околу 6.520 денари, односно за 400 денари повеќе.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 79,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 81,5 денари, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 85,5 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство ќе достигне 82,5 денари за литар, а мазутот М-1 НС ќе се продава по 42,586 денари за килограм.
Со ова зголемување на цените на горивата, практично се намали разликата меѓу малопродажните цени во Македонија и во соседните земји. Токму за таа разлика викендов говореше и премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека горивата кај нас се поевтини од дел од земјите во регионот.
Сепак, дел од јавноста оцени дека таквите споредби не секогаш ја отсликуваат реалната економска состојба. Според економските аналитичари, големите разлики во цените на горивата меѓу соседните држави можат да поттикнат дополнителен промет од странски возила кои доаѓаат да точат гориво во земјава, што може да доведе до зголемена потрошувачка на деривати и дополнителен одлив на девизи.
(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски












