Во Македонскиот културен центар во Истанбул, на 10 март, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи културен настан посветен на заедничката традиција на македонската гајда и турскиот тулум, како значаен дел од нематеријалното културно наследство на двата народи. Настанот се организира по повод 10 Mарт, Меѓународниот ден на гајдата, со панел-дискусија на која ќе учествуваат експерти од Македонија и од Турција. Панелот ќе биде посветен на историските, културните и на етномузиколошките аспекти на гајдарската традиција, како и на нејзината улога во современото културно наследство. Особено внимание ќе му биде посветено на процесот на впишување на гајдата и на тулумот, кои беа заеднички внесени на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото во УНЕСКО. Ова признание претставува значаен пример за успешна културна соработка меѓу Македонија и Турција.
Во рамките на програмата, преку презентација ќе бидат претставени и органолошките карактеристики и разликите меѓу македонската гајда и турскиот тулум, како и регионите и заедниците во двете земји каде што активно се практикува оваа традиција и денес.
Македонската гајда на панел-дискусијата ќе ја претстави Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката Весела Честоева, која ќе говори за нејзиното значење, традицијата и за процесот на нејзина меѓународна заштита, како и Ивона Опетческа-Татарчевска, раководителка на Секторот за меѓународна дејност при УЗКН и виш соработник за фолклорни добра. Настанот ќе биде збогатен и со изведби на гајда и на тулум во живо, кои ќе ѝ овозможат на публиката автентично музичко доживување и непосредно запознавање со звучниот свет на оваа древна традиција. Со овој настан, Македонскиот културен центар во Истанбул официјално ќе ја отвори својата културна програма за 2026 година, продолжувајќи ја својата мисија на промоција на македонската култура и на зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Турција.
На 10 март со почеток во 18:30 часот, и во „Скопје сити мол“ ќе се одржи музички перформанс што ќе го одбележи Меѓународниот ден на гајдата. Настанот го организира Ансамблот „Стефче Стојковски“, кој, во изминатите неколку години, се ангажира за промовирање на македонската гајда и за зачувување на традицијата на изведба на мелодии и песни од народниот фолклор. Перформансот ќе вклучува изведби на гајдаџии од Македонија и танцови изведби од игроорната група на Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје.












