Одморот во Грција е еден од најчестите избори за туристите од Македонија и Србија и оваа година. Сепак, цената на аранжманите се зголеми и до 10 проценти, па многумина се прашуваат колку пари му се потребни на едно четиричлено семејство за 10-дневен одмор во оваа земја.
Колку пари ќе бидат потребни зависи од датумот на патувањето, дестинацијата, оддалеченоста на сместувањето од плажата, видот на сместување, потрошувачката на автомобил и семејните навики. Ова за Euronews Serbia го изјави Ана Николиќ, уредничка на порталот nikana.gr, додавајќи дека на семејство кое престојува во апартман од средна класа ќе му требаат приближно 800 до 1.500 евра за сместување, во зависност од дестинацијата и датумите.
„Во најпопуларните датуми, особено од средината на јули до средината на август, цените се повисоки“, вели таа.
Таа посочи дека приближно 1.000 до 1.600 евра треба да се издвојат ако семејството јаде надвор во ресторани еднаш или двапати на ден.
„Цените во таверните варираат од место до место, но во просек гиро/пита чини околу пет евра, грчка салата чини од седум до 13 евра, главно јадење обично чини од девет до 18 евра, додека рибата е често поскапа“, рече таа.
Таа процени дека на четиричлено семејство кое престојува во апартман од средна класа и јаде во ресторани ќе му требаат помеѓу 1.800 и 3.100 евра, без трошоци за патување, гориво, патарини, фериботи, лежалки и дополнителни трошоци.
„Ако едно семејство престојува во апартман и купува поголем дел од храната во супермаркетите, со дел од храната што ја донеле од дома, цената може да биде значително пониска. Намирниците за 10 дена чинат помеѓу 400 и 800 евра“, напомена таа.
Во тој случај, на едно семејство му се потребни помеѓу 1.200 и 2.300 евра за 10 дена, без трошоци за патување и дополнителни трошоци.
Николиќ, исто така, зборуваше за тоа колку пари треба да се издвојат во случај семејството да престојува во хотел од среден ранг.
„На едно семејство му се потребни околу 1.500 до 3.000 евра, а ако хотелот вклучува појадок или полупансион, вкупната цена е поголема, но семејството потоа троши помалку на ресторани. Во пракса, хотел од средна класа за семејство, со храна и дневни трошоци, излегува околу 2.300 до 4.000 евра, без трошоци за патување“, заклучи Ана Николиќ за Euronews Serbia.
За оние кои бараат многу прифатлив смештај и на кои не им е грижа колку е оддалечена од плажата, сè уште има сместувања што чинат не повеќе од 500 до 600 евра за десет ноќевања во сезоната. Овие видови сместувања се продаваат најбрзо.












